Со проекцијата на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, заврши 22. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“
Под слоганот „Муви најт“ и годинава фестивалот обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и намалени простори за проекција на филмовите. Сепак повеќе од 5.000 вљубеници на европскиот филм, беа присутни на репертоар кој го обезбеди ова 22 издание на „Синедејс“ (CINEDAYS).
-Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое сме горди, особено заради условите во кое го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни Кански премиери, врвни европски гости, публика која не доаѓа само на филмови, туку учествува активно на работилниците и дебатите и професионалци филмаџии кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности“ – вели Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.
Годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба ги доделиваше жири комисијата во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер.
Добитници на наградите се:
Златна ѕвезда за најдобар филм е „Обичните“ на Софи Линенбаум
Со создавањето незаборавен свет преку користење улоги во филмови за да се прикаже неправедноста во нашите општества, ова дебитантско дело ни дава единствен глас, кој се осмелува остроумно да експериментира воспоставените филмски правила. Режисерот остро пркоси на дискриминацијата со досетлива сатира и трогателна драма. Наградата за Најдобар филм ја добива „Обичните“.
Сребрена ѕвезда за најдобра режија за „Тајмаут“ на Ев Душман
Голем предизвик е да се направи филм што паралелно прикажува живот на три лика, кои уште од почеток се прикажани како антагонисти што излегуваат од затвор. Режисерката со леснотија нѐ запознава со овој свет. Начинот на кој ги води ликовите остава без здив и навивате за нив дури и во нивните најмрачни моменти, низ разни невозможни потфати во обид повторно да се поврзат со своите најблиски. Наградата за Најдобра режија ја добива Ев Душман за „Тајмаут“.
Сина ѕвезда за најдобро сценарио за „Обичните“ на Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натанаски
За создавањето уникатен универзум користејќи го светот на кинематографијата како алегорија на репресивно трокласно општество, наградата за Најдобро сценарио ја добиваат Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натански за „Обичните“.
Специјално признание за најдобра изведба за „Матријархат“ на Марија Васкез
Водена од постојаниот страв дека ќе остане без пари и време, Рамона го движи филмот и ја понесува публиката. За нејзината извонредна и воодушевувачка изведба, жирито одлучи да ѝ додели специјална награда на Марија Васкез за улогата во дебитантскиот филм на Алваро Гагос, „Матријарх“.
SEE (South Eastern Europa) селекција
Златно сонце за најдобар филм за „Шоља кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи
Филмот „Шоља кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи, ја добива наградата поради визуелната и тактилната поезија на филмот кој ја кани публиката да внимава на секој детаљ. Филм кој покажува оригинален пристап кон комуникацијата и неможноста да се комуницира, како и кон тишината. Освен одличната актерска игра, зад оваа необична приказна се крие и современо чувство на изолација со кое сите можеме да се поврземе.
На фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови, кое ја донесе следнава:
Истакнувајќи ја исклучително квалитетната годинашната програмска селекција во официјалната натпреварувачка категорија, жирито едногласно донесе одлука, Наградата на филмската критика да му биде доделена на унгарскиот филм ЛЕРИ (Larry) на сценаристот и режисер Шилард Бернат. Оваа ангажирана социјална драма ги осветлува проблемите на семејното и родово насилство и созревањето на главниот лик, комбинирајќи го текот на приказната со супериорна визуелизација и одлична актерска игра. Исклучително умешно е изведено преплетувањето на контрастните социјални пејзажи – од руралноста до хип-хопот.
Во програмата филмови од Југоисточна Европа во која доминираа личните судбини на протагонистите, за најдобар филм жирито едногласно го прогласи албанскиот филм „Шоља кафе и нови чевли“ на сценаристот и режисер Гентиан Кочи. Оваа приказна на извонредно суптилен начин ја доловува интимната драма и трагична судбина на браќата близнаци. Публиката е емотивното вовлечена во трагичната судбина на главните ликови, а наративот и визуелната постапка се во мајсторски изведена синергија.