Колумни, репортажи, интервјуа, колажи, поезија, проза, стрипови… Се само дел од содржината на „Шок“ – списание за култура, кое е достапно за бесплатно преземање. Изработено е од учесници на серијалот работилници за креативно пишување под водство на „Дума ин Сума“ и достапно преку веб-сајтот dummainsumma.com, отворен по повод една година дејствување на неформалната група, а освен списанието, на сајтот се објавени и текстовите напишани на петте работилници одржани досега, заклучно со последната – „Поетиката на периодиката“.
– Преку сајтот, свои текстови и стихови може да ни испраќаат сите заинтересирани, кои сакаат повратно мислење за своето дело или простор за објавување. Нестрпливи сме да читаме – велат од „Дума ин Сума“.
Составено од книжевничките Марија Бошковска и Ивана Смилевска, здружението ја поттикнува креативноста кај младите преку креативно пишување и соработка со уметници од други дисциплини. Преку континуираната соработка со визуелниот уметник Дарко Алексовски, досега се одржани три изложби на фанзини и една промоција на списание. Дизајнот е на Алексовски, а насловот е по цртеж и идеја на Силвана Ѓоргиевска, учесничка на работилниците.
Работилницата за креативно пишување „Поетиката на периодиката“ и печатењето на „Шок“ се поддржани од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на македонски јазик“.