„Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на „Кино око“, со проекција на 25 април, во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк, ќе ја има својата американска премиера во рамките на 51-то издание на престижниот фестивал „Њу дајректорс/Њу филмс“, кој се одржува од 20 април до 1 мај.

Повеќе од половина век, фестивалот ги слави филмаџиите што зборуваат за сегашноста и ја предвидуваат иднината на кинематографијата и чии смели дела го изнесуваат на површина неочекуваното на впечатлив начин. Годинашниот фестивал ќе претстави 26 долгометражни и 11 кратки филмови, вкупно 39 режисери, од кои 21 се жени, пред љубителите на филмот во кината во МоМА и центарот „Линколн“.
Филмот „Северен Пол“ досега учествуваше на повеќе од 40 интернационални фестивали и освои неколку награди, како и номинација за Европските филмски награди (ЕФА) и се квалификуваше за наградата „оскар“.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимографка Биљана Гргур, дизајнот на шминката е на Горан Игњатовски, монтажер е Драган Вон Петровиќ, дизајнот на тонот е на Игор Поповски и на Бојан Паликуќа, а кастингот на Кирија А. Николоска. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ од „Сервиа филм“, Миодраг Поповиќ од „Форгрејд“ од Србија и Петер Шекереш од продукцијата „Тиволи“ од Унгарија.
„Северен Пол“ финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Српскиот филмски центар.