Хонгконг е светска метропола каде што се претопуваат азиската и западната култура во една. Тоа е град на облакодери, сместен покрај Јужно Кинеско Море. Овој мегалополис е и финансиска престолнина и најскап град на светот. Официјална валута е хонгконшкиот долар.
Хонгконг се протега на истоимениот остров и на полуостровите Каулун и Нова Територија. Исто така поседува голем број мали острови, од кои најголем е Лантау.
Подрачјето на Хонгконг е ридско и планинско, а населени се само 25 проценти од површината. Најгусто е населен полуостровот Каулун, потоа северниот дел од островот Хонгконг и северниот дел на Новите Територии.

Градот има повеќе плажи, но повеќето се загадени. Жителите се капат на оние што се пооддалечени од градот. Верувале или не, Хонгконг е град полн со зеленило и е рај за љубителите на парковите и планинарењето. Претставува единствен спој на урбаниот и динамичниот начин на живот, блескавите реклами и релаксацијата во природа, со која е опколен. Официјални јазици се кинескиот (кантонски дијалект) и англискиот.

Пријатна е климата и во зима

Климата тука е суптропска, со честа појава на монсунски дождови. Летата се жешки, додека понекогаш тајфуните знаат да им го загорчат животот на жителите и на туристите. Тие најчесто се јавуваат во текот на септември. Доколку во зима дува северен ветер, тогаш е студено. Најниски се температурите, околу 15 степени, во декември, јануари и во февруари.
Најмногу туристи има во октомври и напролет, кога климата е најповолна, кога е сончево и претежно суво. Просечната годишна температура се движи околу 20 степени.
Хонгконг има проблеми со загаденоста кога се воздухот, водата и земјиштето во прашање, но Кинезите прават напори да ја сведат загаденоста на минимум.

Најопасен аеродром на светот

Аеродромот „Чек Лап Кок“ е главна транзитна дестинација, не само во Кина туку и во цела Азија. Отворен е во 1998-та и годишно опслужува околу 45 милиони луѓе. Аеродромот „Каи Так“ се наоѓал во главниот град од 1925 до 1998 година, кога бил затворен. Се наоѓал на листата на најопасни на светот поради тоа што слетувањето било меѓу планини и облакодери, низ густ смог. Често се случувале несреќи. Хонгконг е одлично поврзан со Кина и со другите соседни земји со авионски, но и со патнички и железнички сообраќај.
Иако е футуристички град од филмот „Блејд ранер“, безбеден е и дење и ноќе.

Интересни факти за Хонгконг

– Во буквален превод Хонгконг значи „мирисливо пристаниште“.
– Тука има најмногу облакодери на светот.
– Во овој град има најмногу автомобили од марката „ролс ројс“
– Хонгконг е меѓу најгусто населените градови на светот.
– Градот го презеле Британците откако Кинезите ја загубиле Опиумската војна со нив во 1842 година. Потоа е под владеење на Кина. А станува независен на 1 јули 1997 година.
– На знамето на Хонгконг се нацртани глави на бели делфини.
– Овде има најмногу ресторани со ѕвезда „мишелин“, но во повеќето цените не се астрономски.
– На улиците можат да се видат трамваи на два ката.
– Еден од најдолгите мостови на светот се наоѓа во Хонгконг и се вика „Д Цинг Ма бриџ“.