Бранко Попчевски, режисер и продуцент

„Ако немаше небо“, краткометражен филм снимен по сценарио и во режија на Бранко Попчевски, освои две награди на филмските фестивали во Калкута и во Мадјапрадеш, Индија. Покрај наградата за најдобар краток филм, освои и награда за најдобар актер, за улогата на Ѓорѓи Јолевски, како и меѓународна награда на гордоста за најдобра режија.
Покрај Јолевски, во филмот игра и Елизабета Клинчаревска-Младеновска, а продукцијата е на „Сан арт“. Филмот досега беше прикажан во официјалната селекција и на меѓународните филмски фестивали во Ванкувер, Монтреал, Лондон, Будимпешта и во Загреб. Продуценти се Никола Китановски и Попчевски, а кинематографер е Никола Китановски. Монтажата е на Ивона Попчевска, костимографијата на Раде Василев, шминката на Игор Петрески, а музиката е на Попчевски.

Кои се силните страни на филмот, со што ги освојува жиријата и, секако, публиката?
– „Ако немаше небо“ има две главни специфики што го прават автентичен и различен од многу други кратки играни филмови. Прво, во филмот воопшто нема дијалози. Но тоа ни оддалеку не го прави филмот нем. Напротив, тој изобилува со звуци од самите сцени, а пред сѐ тоа се звуци од природата и од престојувањето на главниот лик во природата. Главниот лик е втората специфика. Има само еден главен лик што го толкува Ѓорѓи Јолевски и еден спореден лик во кој се појавува Елизабета Клинчаревска–Младеновска. Концепт во кој еден глумец треба практично да го протагонира најголемиот дел од дејствијата е сам по себе предизвик, а јас немав никаква дилема дека Ѓорѓи Јолевски со својата глумечка грамадност ќе го направи тоа на најдобар можен начин. Од друга страна, филмот е несекојдневна приказна за човечкото спасување на себеси и од себе. Комбинација на поетично романтично сонување за иднината среде пустелија, и таа околу себе и таа внатре во себе. Според мене, овие неколку елементи се она што ги освојува и гледачите и жирито и го прават филмот моќен и сугестивен уште при првото гледање.
Што раскажува синопсисот на „Ако немаше небо“ и каков опис му давате вие на филмот?
– Јас би го опишал филмот како „преживувачка бајка“. Синопсисот е релативно едноставен. Во опустошена природа (предизвикана од интензивните уништувања на планетата Земја и многубројните катастрофи) еден човек се обидува да преживее. Целта на овој концепт е да нѐ потсети нас луѓето како би изгледал животот во такви услови бидејќи засега ретко кој помислува дека може да дојде до губење на сите привилегии и комодитети што ги живееме денес. Но човекот не е само физичко, односно материјално битие. Покрај телото, потребно е да си ги спаси и душата и својот ментален, емотивен и духовен опстанок. Прехрана на телото во таква ситуација може да биде што било во природата: инсекти, корења, црви, гуштери и сл. А најважна прехрана за душата е љубовта. Таа е основниот двигател на човекот во секоја ситуација, а во ситуација на опстанок добива егзистенцијална важност. Токму љубовта ќе го одведе главниот лик кон спасение.
Филмот беше прикажан во официјалната селекција на филмските фестивали во Ванкувер, Монтреал, Лондон, Будимпешта, Загреб… Која е следната фестивалска маршрута?
– Иако сите во тимот знаевме дека направивме одличен филм, фестивалскиот почеток беше успешен и повеќе од очекувањата со вкупно седум официјални селекции и четири освоени награди. За оваа година во исчекување сум на одлуките во врска со филмот од неколку значајни фестивали од највисок ранг, како што се Трибека, Сан Франциско и Палм Спрингс. Со оглед на тоа што на еден фестивал во конкуренција пристигнуваат по неколку стотици, а понекогаш и илјадници кратки филмови од целиот свет и самата официјална селекција за нас како земја со ниски продукциски капацитети сметам дека значи успех.
Што ве стимулираше да го однесете човекот среде пустелија и да го предизвикате да се бори за да преживее?
– Што ми беше инспирација или стимулација за такво сценарио најјасно ќе биде кога гледачите ќе видат директно во филмот како ликот, кој преживува, реагира кога по долго време ќе види локва каллива вода или мобилен телефон. Го одделив ликот од сите комодитети што ги живееме денес и не ни е накрај памет дека полека, но сигурно ја уништуваме оваа планета. Последиците од тоа уништување ќе бидат такви какви што се прикажани во филмот.
Како што е истакнато на самиот почеток на филмот во првиот титл: „Сѐ додека има небо дотогаш ќе има и надеж дека природата ќе го спаси човекот“, тоа е и одговорот на прашањето. Човекот не може сам да се спаси од себеси. Од својата себичност и алчност е невозможно да се спаси. Ако одиме чекор подлабоко, до спасение се доаѓа преку покајание. Знаците на покајание барем засега се незабележливи. Сведоци сме на таа рефлективна автодеструкција веќе со векови. Само природата може да го спаси човекот. Тоа е и главната порака на филмот. Зошто природата? Затоа што таа постоела и пред човекот, а ќе постои и потоа. Жената во филмот е имагинативен приказ на природата… На мајката природа.
„Зајче на животен крстопат“ и „Ручек“ се предвесници на „Ако немаше небо“… Кажете ни нешто повеќе за овие два филма?
– „Зајче на животен крстопат“ е мое прво филмско остварување во форма на краток игран филм. Тоа е филм за класните разлики и јазот помеѓу општествените слоеви прикажани преку две деца што растат во целосно различни средини и следствено на тоа имаат дијаметрално спротивни погледи на светот и животот. Главен конфликт е украденото зајче, кое за сиромашното дете со празен стомак е најобична храна, а за другото е домашно милениче што носи радост и треба да биде чувано и негувано. Да не се загрижи публиката, на крајот зајчето преживува, ха-ха. Сценарист и корежисер на филмот е Марко Чавка од Хрватска и беше прекрасно искуство да се соработува со него и со исклучително талентираните деца актери Анастасија Аневска и Адриен Боирал, како и професионалните актери Елизабета Клинчаревска–Младеновска и Џенап Самет. „Ручек“ е критика на преценувањето на парите како „нов бог“. Критиката е директна, експлицитна, но суптилно прикажана како лош сон на еден млад студент, од кој никако да се разбуди. „Ручек“, во кој главната улога ја толкува Тони Денковски, исто така оствари исклучителен фестивалски успех со девет официјални селекции и шест награди на филмски фестивали низ светот. Гледајќи како моите замисли и пораките од првите две сценарија успешно се преточуваа во филмски дела, решив и по третпат да се пробам во водите на краткиот игран филм реализирајќи го „Ако немаше небо“. Сега можам да кажам дека сум побогат не само со три филма со мој потпис туку, пред сѐ, сум побогат со соработката со голем број уметници и професионалци, кои својата креативност ја распостилаат беспоштедно со цел создавање дела што ќе останат.
Мошне е јасно дека претпочитате да бидете присутен во повеќе уметнички форми, која од нив ви доаѓа како „гума за спасување“?
– Јас имам повеќе гуми за спасување, блазе си ми. Секоја од овие форми во различен момент ми овозможува различен „вентил“ за ослободување на креативниот набој. И навистина станува збор за набој што се акумулира во фазата на контемплација и ферментирање на одредена идеја. Различните форми имаат свои различни начини на реализација и на динамика. На пример, пишувањето и компонирањето се специфични по тоа што бараат уметникот да се чувствува комотно како свој на своето во тишината бидејќи е неопходно комуникацијата на уметникот со самиот себе и со сопственото дело да се одвива во тишина. А во динамиката на современиот живот тишината на мислите и на умот, а со тоа и на битието сѐ потешко е достапна. Од друга страна, режирањето и продуцирањето изискуваат излегување надвор од тишината, бараат комуникација со луѓе, со актерите, одредување локации, визуализации (кои иако се одвиваат во тишина се мошне динамична ментална активност) и сл. Последователното преоѓање од надвор кон внатре и обратно го прави моето уметничко и креативно битисување едно бескрајно патување низ времето и просторот.
Какви бранови имате тенденција да предизвикате со вашите дела?
– За мене филмот не е бизнис, туку уметност. Ако се согласиме со изреката „една слика – илјада збора“, тогаш јасно е која е суштина на филмот. Самиот факт што двата мои кратки филма „Ручек“ и ‚„Ако немаше небо“ се без каква било дијалошка форма зборува за мојот фокус на визуелниот аспект. Во секој случај, моја интенција се филмови што не ја оставаат публиката рамнодушна, кои се базирани на сцени и кадри длабоко проткаени со содржинска и драматуршка оправданост, а притоа истите тие се на високо естетско ниво. Во креирањето се обидувам да ги искористам сиот арсенал и потенцијал на филмот како една од најмоќните уметности. Едноставно кажано, филмови што публиката ќе ги препознае како свои приказни, ќе се пронајде во нив и ќе се обиде да најде одговори на поставените прашања во истите тие.