Промовирана првата книга за деца на Никола Маџиров
Првата книга за деца од поетот Никола Маџиров, „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска, а во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, беше промовирана во присуство на многубројна публика во книжарницата „Литература.мк суперстор“. Тоа е прва книга за деца на Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведувани современи македонски поети во светот. Се работи за авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев.
– Рогот како симбол знае да ни го донесе животот кога се пие од него, знае да биде како симбол на смртта како футрола за барут, но во овој случај рогот е симбол на новиот почеток. „Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај што зборува за сите светови и времиња собрани на едно место – во рогот на еден вол, рогот на изобилството – вели Маџиров.
Според уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска, зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка во која тој еднакво е и поет и раскажувач.
Промоторот Ермис Лафазановски кажа дека приказната за волот и неговите рогови во својата суштина го има митот за рогот на изобилството, кој потекнува од Стара Грција и е космогониски мит, но во нашиот фолклор е многу редок како мотив. Според него, пораката на оваа сликовница е љубовта меѓу животните и децата.
Промоцијата заврши со музичко изненадување од Анастасија Илиевска и Стефан Трајковски, ученици од насоката традиционална музика и игра при музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“. Впечатливо и наполно во духот на „Рокчето“.