Српска ревија на македонскиот филм ќе се одржува од денеска до 16 ноември во Белград. Таа е замислена како тридневен настан што ќе понуди филмски проекции од врвни македонски автори, збогатени со музички и уметнички програми, претворајќи го настанот во вистински празник на македонската култура и уметност.
– Македонската култура, и особено македонскиот филм и музиката, се дел од богато наследство, каде што традиционалните и современите вредности се испреплетуваат на еден возбудлив начин што луѓето во Србија често го чувствуваат како свое. Ова чувство произлегува не само од заедничкото општествено-политичко минато туку и од уметничките врски меѓу овие простори, каде што културата и уметноста служеле и продолжуваат да служат како поврзувачка нишка на Балканот – велат организаторите.
Ревијата на македонскиот филм ќе се одржи во три дела: филмски, музички и културно-деловен сегмент. Филмскиот дел, како централна компонента, вклучува: документарни, краткометражни и долгометражни играни филмови, како и македонски класици (во соработка со Кинотеката на Македонија) и филмски журнали (во соработка со „Филмски новости“ на Србија). Посебен куриозитет се филмските журнали – досега необјавени архивски материјали, кои ќе прикажат сегменти од животот во Македонија. Фестивалот го отвора светски признаениот документарен филм „Медена земја“, двојно номиниран за „оскар“ и победник на „Санденс“, со што ја обележа историјата на македонската и светската кинематографија. Проекцијата ќе биде проследена со разговор со режисерката Тамара Котевска, која ќе ги пренесе уникатните искуства од работата на овој филм и преку мастерклас со студентите по филмска режија. Посебно место во програмата зазема и култниот филм „Дае“ на режисерот Столе Попов, првиот македонски филм номиниран за „оскар“ во категоријата најдобар краткометражен филм во 1980 година, како и краткометражни филмови, како наградуваниот филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска, кој освои над 19 награди и беше номиниран за „златна палма“ на Канскиот фестивал, и филмот „Бубачки“ на режисерот Игор Иванов-Изи, кој го доби „златниот леопард“ на „Локарно“.