На литературниот конкурс кој по 12-ти пат го организира Центарот за култура „Кочо Рацин“ Кичево, а по повод патрониот празник, примени се вкупно 40 творби од основните училишта „К.Ј.Питу“,„Др.Владимир Полежиноски“ и „Санде Штерјоски“, како и од Христо Узунов“ од село Другово и Јонуз Емре“ од село Лисичани. Првата награда на конкурсот ја освои ученичката од 4-то одделение од ОУ „К.Ј.Питу“ Симона Савеска, на тема „Јас и ти сме исти“, што беше и единствен работен наслов за сите творби примени на овој конкурс.
– На литературниот конкурс што беше објавен од страна на Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево ,примени се вкупно 40 литературни творби. Овој литературен конкурс беше 12-ти по ред, откако претходните две години не беше објавен поради коронавирусот. Во изедначена конкуренција првата награда на конкурсот ѝ припадна на Симона Савеска ученичка од 4-то одделение од ОУ „К.Ј.Питу“ од Кичево. Втората награда ја поделија Ања Наумоска и Викторија Антеска,додека третата награда рамноправно ја поделија Тимотеја Илијоска, Ајлин Рамаданоска и Андреј Секулоски – рече Маја Николоска-Сиљаноска од Центарот за култура „Кочо Рацин“.
Таа посочи дека не може да ги соопшти имињата на останатите наградени творби, бидејќи беа примени под шифра.
По прогласувањето на најуспешните творби, наградените и сите останати ги поздрави директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи.
– И овој литературен конкурс и творбите што беа примени, се најдобра потврда дека во нашиот град има многу таленти кои знаат да пишуваат. На наградените и на сите останати им посакувам да продолжат и понатаму да пишуваат и да освојуваат награди – истакна Османи. З.А.