Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на „Прличевите беседи“, со традиционалната „Прличева визита“, денеска од 13 часот ќе ја одбележи 132-годишнината од смртта на патронот. Годинава минува во знакот на уште два други датума: 195-годишнината од раѓањето на Прличев и 160-годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во Атина.
По изведбата на стихови од поемата „Сердарот“, обраќање ќе има в.д. директорката на библиотеката Христина Трпеска, по што ќе следува видеоинтервјуто со Георги Сталев–Поповски, првиот препејувач на поемата „Сердарот“ во форма на стих на македонски. Автор е м-р Милчо Јованоски. Беседата „Ние и Прличев“ од Александра Ѓуркова ќе ја прочита Марија Стрезовска. Александра е потомок на Прличев по ќерка му Деспина, исто како и нејзината мајка Лилјана Минова–Ѓуркова е македонистка, лингвистка и искрена продолжувачка на делото на својот славен предок Прличев – Вториот Хомер.
На академик Миле Д. Миќуновиќ и на Зоран Тунтев библиотеката ќе им додели признанија за континуирана соработка и поддршка на установата. Настанот ќе биде заокружен со доделувањето на наградата од третиот по ред конкурс за најдобра беседа на млад автор до 30 години на темата „Чувај се себеси“. Жирито за најдобра ја прогласи истоимената поема, дело на младата Ева Ивановска од Делчево. Ќе следуваат образложението на жирито, обраќањето на добитничката на наградата и читањето на беседата. Традиционално, „Прличевата визита“ ќе заврши со локум, суво грозје, леблебија и охридска староградска песна.