Во пресрет на фестивалот на античка драма „Стоби“

Деветнаесеттото издание на интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, под мотото „Во нови слики“, ќе се одржи од 17 октомври до први ноември во велешкиот театар „Ј.Х.К. Џинот“. Годинешната програма, во две седмици обединува над 20 настани, сместени во три рамки: официјална селекција на фестивалот, придружна програма и офф-програма на фестивалот.
Официјалната селекција ја сочинуваат претставите: „Антигона“, според Софокле, во режија на Диего де Бреа, продукција на „Београдско драмско позориште“ од Србија, со која ќе се отвори фестивалот. Ќе бидат прикажани и претставите: „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, настаната во копродукција меѓу „Корифеј театар“, ЦК „Колашин“ и ЦК „Бјело Поље“, сите од Црна Гора. Изведбата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, режија на Диана Добрева, продукција на драмскиот театар „Н.О. Масалитинов“, од Пловдив, Бугарија, е на 24 октомври. Народниот театар од Ниш, Србија, ќе ја изведе претставата „Еден Едип“, по авторски текст на А.Н. Роса, во режија на Југ Ѓорѓевиќ. Последен наслов во официјалната селекција е „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“. Во чест на лауреатите, свој настап ќе има Националната опера и балет, со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, музика на Калиопи, кореографија на Олга Панго, либрето на Сашо Димоски.
– По изведбите на секоја од претставите во официјалната селекција ќе се одржат разговори, тркалезни маси со годинешното кредо на фестивалот: Во нови слики. Во придружната програма ќе бидат изведени претставите: „Популус“, танцтеатар, режија и кореографија на Филип Петковски, „Мечта на трагичните поети“, танцтеатар, режија и кореографија Адријана Данчевска, „И боговите јадат Тирамису“, според Ј. Овшианко, во режија на Софија Ристевска-Петрушева, и „Ла Ла Ленд“, во концепт и реализација на Кала Каревски.

Во придружната програма годинава има две работилници. Првата, наменета за професионални актери, со наслов „Во потрага по Антигона“, ќе ја води режисерот Дејан Ангелов. Втората, со наслов „Рециклирани трагедии“, наменета за ученици, ќе ја води драматургот Билјана Крајчевска. Презентациите на резултатите од работилниците се предвидени за крајот од фестивалот.
Во придружната програма е сместена изложбата на театарски фотографии насловена „Маски“ од Филип Цветковиќ, гостин од Србија – најавуваат организаторите.
Во соработка со издавачката куќа „Полица“, фестивалот ќе ја промовира книгата „Нова античка драма II“, по примерот на минатогодишната книга собрани драмски текстови, настаната од официјалната селекција на фестивалот. Ќе биде проектиран и танцовиот филм „Дома“, продукција на „Скопје танц театар“. Во рамките на фестивалот има и едно предавање, насловено „Од Одисеја до Одисеј“, на режисерката Диана Добрева. Гoдинашната комисија е во состав: Ѓорѓи Јолевски, актер, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, актерка, и Деан Дамјановски, театарски режисер. Селектор на фестивалот е Сашо Димоски. И годинава ќе се доделат четирите интернационални награди – за најдобра актерка, најдобар актер, најдобра режија и гран при на фестивалот.