Четири долгометражни и три краткометражни филмови се прикажани на „Деновите на македонската култура“ во Прага. Настаните се организирани во чест на празнувањето на македонскиот Ден на независностa, како и претседателствувањето на Република Чешка со Европската Унија во втората половина од 2022 година.
Во рамките на тридневните активности, а во организација на Агенцијата за филм, во киносалата „Едисон Филмхаб“ се одржа ревија на македонски филмови од најновата филмска продукција, и тоа четири долгометражни филмови: „Хомо“ во режија на Игор Иванов, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска, „Врба“ во режија на Милчо Манчевски и „Сестри“ во режија на Дина Дума и три краткометражни филмови: „Налепница“ во режија на Георги Унковски, „Змија“ во режија на Андреј И. Волкашин и „Северниот Пол“ во режија на Марија Апчевска. Во престижниот театар „Дивадло аполо“ е прикажана и претставата „Антитело“, авторско дело на студенти од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на Зоја Бузалковска.
– Македонија и Чешка негуваат одлични односи на полето на надворешната политика, но и интензивна и плодна соработка во областа на културата, која досега резултира со голем број иницијативи и културни активности. Меѓу другото, во 2009 година беше потпишана и програма за соработка меѓу двете земји, која овозможи континуирана промоција на културата – соопштуваат од Агенцијата за филм.