Книжевно-научна конференција со учество на македонски научници се одржува на деветтите „Његошеви денови“ во Тиват, Црна Гора. Покрај на делото на Петар Петровиќ-Његош, конференцијата ќе се фокусира на книжевното дело и личноста на академик Блаже Конески. На една од трите одделни литературни вечери посветени на авторите од Србија и од Хрватска ќе биде претставен и книжевниот портрет на македонскиот писател Томислав Османли.
Меѓународниот научен собир „Његошеви денови“ почна со свечено отворање во присуство на високи државни претставници и на елитниот научен книжевно-теориски и лингвистички состав. Годинава на собирот учествуваат 59 научници од 13 земји. Меѓународниот научен совет на манифестацијата и нејзиниот организациски одбор, како една од клучните теми на Деновите ја поставија темата „Творештвото на Блаже Конески“. Чествувањето на македонскиот литературен и лингвистички корифеј се одржа вчера, а сесијата ја раководеше еден од нашите професори македонисти, заедно со професорот Лех Миодињски од Краковскиот универзитет. На сесијата ќе настапат и научници, македонисти од Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје: Јасмина Мојсиева-Гушева, Елка Јачева-Улчар, Ангелина Бановиќ-Марковска, Иван Антоновски, потоа Луси Караниколова-Чочоровска од Штипскиот, како и Марина Даниловска и Марина Спасовска од Државниот универзитет во Тетово. За есеистиката на Блаже Конески ќе говори еден од големите познавачи на неговото вкупно дело, академик Радомир В. Ивановиќ од Нови Сад.
Покрај оние посветени на книжевното дело на Његош, една од темите на манифестацијата е „Противвоениот дискурс во јужнословенските книжевности и култури“. На оваа конференција, настапи во другите сесии ќе имаат и други наши научници: Звонко Танески од Братиславскиот универзитет и Васко Шутаров и Трајче Стамески од Скопје. На манифестацијата учествува и познатиот македонист Златко Крамариќ од Универзитетот во Осиек, инаку поранешен амбасадор на Хрватска во Македонија. „Његошевите денови“ завршуваат со обиколка на Бока Которска и со посета на Његошевиот мавзолеј на Ловќен.