Во присуство на бројна публика синоќа во Музеј-галеријата во Кавадарци се одржа омаж посветен на ликот и делото на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов – Сокол по повод одбележувањето на 65 години од неговото раѓање во организација на кураторите Билјана Галабова и Трајче Цветков. Овој пат беа изложени дела од неговиот циклус „Траги“ изработени од природни матреијали.
– Јас 10 години истражувам со природни материјали, со кал, песок, трска, вар… Се враќам на времето кога нашите предци не правеле само уметност со тоа што граделе куќи, туку и живеееле во нив. Тргнувам од премисата дека водата и дождот таквите куќи и градби ги уништуваат, но тие повторно и се враќаат на земјата. Затоа сакам повторно да ги извадам од таму и да направам уметничко дело кое ќе остане засекогаш – изјави Соколов во едно интервју.
Во своето обраќање кураторот на изложбата Билјана Галабова и се заблагодари на неговата внука, која исто така е ликовен уметник, Билјана Соколова Тодоровска, и на нејзиниот сопруг Марјан Тодоровски, за остапените ликовни дела и за одредените сугестии околу изложбата како и на професионалниот фотограф и снимател Тони Коцев кој што и приватно и професионално соработуваше со Ристо Соколов и кој го режираше краткометражниот филм посветен на неговата последна изложба исто така во Музеј-галеријата насловен како „Последниот петок“ кој публиката можеше синоќа да го види.
Студент на генерацијата, графичар, сликар, перформер, организатор на познати домашни и меѓународни ликовни колонии, врвен несекојдневен изведувач на ликовни
перформанси и ентериерен дизајн. Харизматичен и ведар дух, исконска уметничка душа,
уметник кој својот живот го посвети на и за уметноста, притоа оставајќи блескаво уметничко творештво. Ова се епитетите кои го красеа и по кои ќе го паметиме нашиот познат и признат ликовен уметник Ристо Соколов – Сокол. Прерано замина од овој свет поставајќи уметнички вакум што само тој знаеше да го потполни, на свој автентичен и магичен начин начин. А магијата ја создаваше со уникатна и и иновативна уметност, со скромност, со мирољубивост, со препознатливите за него гестикулации. При изведувањето на неговите познати оригинални перформанси, со невидена смиреност, воден од духовниот нагон, твореше несекојдневна уметност, зачудувачки уметнички еруптивни форми, и сето ова во една нирванска синергија со аудиториумот – истакна меѓу другото Галабова. Ми.М.