Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски за РТС

Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски беа гости на РТС, во радиоемисијата на Саша Чириќ со наслов „Око Балкана“, посветена на регионалните култури. Двајцата македонски писатели зборуваа за поврзаноста на нивните книги со постмодерната поетика и особено со балканското наследство. Посетата на Белград беше по повод Саемот на книгата каде што тие имаа претставување.

Каква е вашата поврзаност со романската книжевност и преводите. Како научивте романски?
Ермис Лафазановски: Тоа е малку подолга историја. Моето семејство од татковата страна е со потекло од Грција. Таму некаде во 1948 година, кога била Граѓанската војна во Грција биле комунистички бегалци од Грција распоредени во Источна Европа. Мојот татко бил распореден во Романија и таму растел, таму студирал, ја запознал мојата мајка и таму сум дошол на свет, во 1961 година. Во 1972 година, политиката беше сите политички бегалци од Грција да се вратат во Македонија. Но нам не ни беше дозволено од Грција, оти бевме Македонци. Па дедо ми одлучи да одиме во Македонија, со надеж дека некогаш ќе ја поминеме границата кон, ние ја викаме Егејска Македонија, а тоа е северниот дел на Грција. Но тоа не се случи. Во Скопје продолжив со образованието. Но јазикот и првите знаења секако дека не ги заборавив. Јас ја сакав романската книжевност уште како мал. Читав и продолжив да читам, заљубен сум во тој јазик. Па потоа на факултет почнав да преведувам. И често одев да ги посетувам Романија и пријателите и поврзан сум со културата таму. Имам преведено 10 романи и поезија и, еве, таа врска трае веќе 40 години. Преведував повеќе современи романски писатели, не класични, туку млади современи автори.
Колку ги следите не само романската книжевност туку и другите балкански книжевности? Колку ви се важни и колку се присутни на македонската сцена?
Александар Прокопиев: Не дека ги има премногу. Имаме еден фестивал „Проза Балкан“, интимен фестивал, на кој викаме пет гости од странство. Ни овозможува да ги запознаеме луѓето што сме ги читале. Јас како студент знаев дека романската поезија е силно популарна и многу поети биле дел од „Струшките вечери на поезијата“ и сме ги гледале како регионални херои. Интересно е што некој писател, кој излегува и дека ти е врсник и кој го почитуваш и си го читал, одеднаш со тебе седи, чита, пее.. Пријатели станувате. Романија секогаш влегува во тој книжевен круг како гостин. Ја обожавам романската книжевност. Катареску ми е еден од омилените писатели, тој е голем мајстор за пишување, претпочита гломазни форми, јас сакам мали романи или приказни. Меѓутоа кога ќе влезете во неговиот свет, ќе видите дека е навистина фантастичен. Автор е на една имагинација, на деталност во една гломазна структура што навистина импресионира. И потоа доаѓаат нашите омилени, Јонеско, Елијаде, Сиоран. Тоа се големи писатели во времето на нашето растење, тоа беа три столба, не само на балканската туку и на индивидуалната мисла. Сега направивме еден експеримент, Ермис го направи, ја преведе поезијата на Јонеско. Така што во однос на балканските писатели не само што меѓусебно се читаме туку и на еден фин начин се дружиме.
Дали се гледате себеси како постмодернистички писател и колку ви е важна од една страна таа книжевна ерудиција?
Ермис Лафазановски: Не се гледам себеси како постмодернистички писател, тоа го гледаат критичарите. Никогаш не пишувам со намера да бидам постмодернистички, туку со намера да се разликувам од тоа што е во моментот актуелно. Има постмодернистички елементи во тоа што го пишувам секако, јас тоа го и студирав и пишував. Иако планирав романот „Храпешко“ да биде линеарен, да не експериментирам многу со времето и просторот, главната цел не ми беше стилистички да се изразам, туку да пратам скриена порака. Идејата ми беше да ја прикажам положбата на балканскиот уметник наспроти европскиот. Длабоко верувам дека ние Балканците сме емотивен народ и не сме толку рационални како во Западна Европа и во таа уметност имаме огромен уметнички потенцијал. И сакав да прикажам човек што не е уметник, туку лозар, стигнува во Средна Европа и одеднаш од него излегува уметноста. Почнал да изработува стаклени предмети. Емоциите ги изразил во уметноста. На Запад не бил толку добро прифатен и тука има некоја разлика. Романот е преведен на десетина јазици и главно само во Источна Европа. И некои критичари рекоа дека станува збор за роман што го критикува односот на европската уметност со уметноста во Источна Европа, уметноста на Балканот. А што се однесува до фолклорот, работам во Институтот за фолклор триесет години. Иако немав претенции да употребувам фолклор во мојата книжевност, тој сепак излегува на површина.
И во вашата книжевност забележувам однос кон фолклорната традиција, односно преземање мотиви од светската книжевна ерудиција. Се чини писателите од средните и од младите генерации направија отстапување кон постмодернизмот, дали сте размислиле на што се должи тоа? Се чини дека ги ценат постмодернистичките класици, но не ги пишуваат…
Александар Прокопиев: Вистина е, но тоа мислам зависи од личното искуство. Сѐ зависи од твоето прифаќање на светот во младите години, тоа најчесто е внатре во тебе и го искажуваш како свој став кон она што е твоја страст во животот. Со Ермис откривме дека имаме многу заеднички работи од младоста. Рано излеговме од Југославија, шетавме низ Европа. Светот беше многу поотворен. И луѓето беа љубопитни за сѐ што доаѓа однадвор. Сега се многу позатворени. Ние искусивме сѐ од тоа време. Ја запознававме книжевноста, читавме, го живеевме рокенролот… Тоа беше дел од нас и тоа ни го одредува односот кон одредени писатели, кои не беа во мода, но беа ин, тоа беа постмодерни писатели… Пример Сервантес за нас беше откритие што нѐ хранеше од рани години. Маркес, Кортасар, европските писатели… Ги читавме со задоволство и препознавање. И тоа препознавање постепено прерасна во правецот постмодернизам. Во тоа време постмодернизмот беше авангарден, бунтовен, индивидуален… Тие почнале како нови, млади писатели што прераснаа во големи имиња. Сега времето е променето. Сега младите писатели се враќаат кон реализам. Не сум против, но мислам дека ако го пишувам сега мојот живот ќе биде многу повозбудлив. Но не чувствувам потреба. И глупо е да се пишува за себе, но да се пишува за атмосферата од тоа време е многу повозбудливо.
Сега е актуелна автофикцијата, главно се избегнува автобиографијата. Но кога зборувавте за вашата приватна биографија и како сте се селеле со семејството, тоа е еден мал роман. Дали бевте во искушение да го литераризирате? Што пишувавте по „Храпешко“ и дали постои искушение за литераризација на сопствената биографија?
Ермис Лафазановски: Во оваа книга по „Храпешко“, „Историја на луѓето кои умреа од страв“, пишувам за мојот културолошки шок што го доживеав како 10-годишно дете. За момче што се сели од Романија со Чаушеску во тоа време во Југославија. И како го перципира новиот свет. Бев интровертен и затворен затоа што ја променив средината и оставив пријатели зад себе. Суштината на романот е дека за време на Југославија, особено Скопје, имаше многу бегалци од Граѓанската војна, од Европа и од светот. Пример, кога допатувавме во Скопје заедно во една барака нѐ сместија сите бегалци, нас од Грција со бегалци од Чиле, Шпанија, Монголија, Кореја. Бегалци од диктатура. И чекаа да добијат виза. Јас во романот се осврнав кон стравот кога ќе се најдете во нова средина, кога не знаете што да правете. Ние го доживеавме тоа. И не сакав пак да се селам, не сакав и моите деца да го доживеат шокот низ кој поминав јас во текот на селењето. И тоа го опишувам во романот. Сепак, романот не е биографија, има и многу фантастични моменти.
Колку постои искушение и кај вас за литераризација на сопствената биографија?
Александар Прокопиев: Постои. Но на поинаков начин. Најдолгата проза ми е 100 и неколку странички. Но од 1978 година до денес пишувам записи што се целосно жанровски измешани, басни, анегдоти, песни, бајки, документарни фикции… сѐ запишувам, и тоа излегува како книга во продолженија. Книга во процес. Книга што не е завршена и наспроти овие најдолги 100 странци проза, ова е огромна книжурина од 400-500 страници во која има сѐ и сешто. Единственото во оваа книга е што во неа запишувам сѐ што ми е важно, па затоа и често пишувам на рака, во кафеана, на аеродром, она што ми паѓа на памет го запишувам и многу малку менувам. И на еден начин е биографска. Но не е утврдена со важни случувања, туку хаотична. Но е добар документ за животот. И тоа е книга што ќе ја пишувам до крајот на животот. Се вика „Антиупатства за лична употреба“. Сама по себе е епска, но не е објавена во целина, туку по делови и така е и преведувана и луѓето ја знаат. И, еве, сега кога бев во Бугарија на промоција, каде што објавија една таква мала книга, Алек Попов изјави „Сашо ја пишува најдолгата книга на Балканот…“ Тоа биографско искуство само наоѓа канали како да се излезе. Тоа е искажано преку една разнородна хаотична книга.