Филозофскиот факултет во Риека го одбележа јубилејот – 15 години Лекторат по македонски јазик

Изложба на фотографии од Македонија, промоција на прв превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик, македонска музика во хорска изведба, дегустација на македонски традиционални специјалитети… Со низа настани и активности, Филозофскиот факултет во Риека беше во знакот на значајниот јубилеј – 15 години од основањето на тамошниот Лекторат по македонски јазик. Аулата и амфитеатарот на Факултетот беа претесни за да ги соберат сите членови на хрватската академска заедница, студенти и воопшто почитувачи на македонскиот јазик, литература и култура што со своето присуство сакаа да го поздрават јубилејот на Лекторатот, но да ги поздрават и неговите големи остварувања во изминатите деценија и половина. Јубилејот беше одбележан и на свечената седница на Наставно-научниот совет, со која се чествуваше 25-годишнината од основањето на риечкиот Филозофски факултет. Од досегашните работни средби, заедничкиот заклучок е недвосмислен: ако се продолжи по патеките што се трасираат со досегашната посветеност и со остварувањето резултати какви што се досегашните, перспективите на македонистиката во Хрватска се далекосежни.
Присутните на настаните ги поздрави и македонскиот амбасадор, проф. д-р Милаим Фетаи. Во централниот дел на чествувањето се одржа промоцијата на првиот превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик – „Детелинки белинки“ („Djetelice bjelice“), кој е потфат на актуелната лекторка по македонски јазик во Риека, м-р Биљана Стојановска, и нејзините студенти по македонистика од Отсекот за преведување, кои ги преведоа текстовите. Преводот беше подготвен и објавен токму во чест на значајниот јубилеј на Лекторатот.
– Големата мисла на уште поголемиот Петре М. Андреевски нè води денес. „Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе“, вели Андреевски, „оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Имам чувство дека оваа идеја е онаа што ja носеле и м-р Биљана Стојановска и нејзините студенти кога се решиле на овој потег да се преведат шеснаесетте нови приказни – сказни, по повод 15 години успешна работа на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека – напомена на почетокот на својата промотивна реч проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).
Голем интерес на Филозофскиот факултет во Риека предизвика и изложбата на фотографии „Патувања без споменици: Фрагмент Македонија“ од хрватскиот фотограф Марио Пуќиќ. Мотивите од нашата земја, нејзините природни убавини и фрагментите од урбаната култура, видени низ објективот на Пуќиќ, на големиот број присутни им овозможија едно уникатно запознавање со нашата земја, поттикнувајќи интерес со многу прашања од помладите генерации.

Поддршка на заложбите за натамошно развивање на соработката која покрај за развојот на македонистиката во Хрватска е важна и за унапредување на релациите меѓу македонската и хрватската академска заедница, даваат и ректоратите на двата и универзитета – УКИМ и Универзитетот во Риека, при што ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и присуствуваше на свеченоста. К.Р.