Во сабота, на 24. јуни, во 20 часот во просториите на КСП Центар-Јадро во Скопје ќе се одржи мултимедијалниот и интердисциплинарен настан „КОДИРАНА ПОЕЗИЈА – ВИЗУЕЛНАТА ПОЕЗИЈА НА ИДНИНАТА“. Овој настан вмрежува повеќе уметнички дисциплини, но ја вмрежува и уметноста како дисциплина со научна­та дисциплина информатички науки, конкретно со програмирањето. Се работи за мултимедијален проект кој ги обединува уметноста на зборот – поезијата, визуелната уметност – сликарството и анимацијата, модниот дизајн, аудиодизајнот и видеодизајнот. Ова е един­ствениот проект во Македонија, но и во регионот, што дејствува интердисциплинарно вмрежувајќи ги области­те уметност и наука.

Вечерта ќе се случи промоција на збирката избор поетски минијатури, визуелни песни и кодирани песни „Холограм од спомени“ од Елена Пренџова, а промотор ќе биде писателот Санде Стојчевски. Според авторката, кодираната поезија претставува визуел­на поезија на XXI век; значи, претставува континуирана еволуција на визуелната поезија од минатите векови. Експериментирањето со кодираната поезија претставува нејзин континуитет во експериментирањето со визуелата поезија што почнува од нејзината втора авторска збирка „Таа“ од 2009 година и продолжува во 2013 со збирката „Живот под ѕвездите“ и во 2022 со изложбата на визуелна и конкретна поезија.

Промоцијата ќе биде пропратена со изложба на кодирани песни, кои се кодирани, т. е. „испишани/запишани/напишани“ во програмски јазик од страна на самата авторка и на софтверскиот инженер Владимир Петровиќ од Бел­град, Србија.

Понатаму, се навлегува и во употребата на кодовите преку кодираната поезија во популарната култура и во дру­гите уметности и умешности, па така, ликовната уметница и модна креаторка Јана Манева-Чупоска ќе ги „искористи/рециклира/возобнови“ кодовите од кодираните песни како мотиви во свое сликарско дело, но и како мотиви на модни парчиња кои ги изработи заедно со професионалната моделарка Гор­дана Божиновска, а закитени со плетените модни додатоци од пензионерката, учителка-негувателка во пензија Марика Велкова.

Ќе биде проектирано и арт-видеото на виде­оавторката и истражувачка на мултимедијални форми и модели Вероника Камчевска, придружено со аудиодизај­нот на аудиодизајнерот кој работи исклучиво на арт-ин­сталации и експериментални и документарни филмови Горан Москов, кое така ги користи кодовите како предлошка.

Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура.