Концертна промоција на новата поетска книга од Пијан Славеј (Бранислав Николов), „Јазик за двајца“, ќе се одржи утре (сабота) од 20 часот во „Цреша бар“ во Скопје.
На концертната промоција ќе свират „Пијан славеј“.
– Пијан Славеј е поет што пишува песни што се пеат и онакви што плачат да бидат испеани. И без разлика дали ќе бидат преведени на јазикот на музиката или ќе останат само на хартија, тоа се песни ‒ жив копнеж и страст, љубовна сила што раѓа и убива светови, мерак што не згаснува, севда(х) што се храни од плотта, занес што сам себе си нарачува стрелачки вод – пишува во рецензијата поместена во книгата, Александра Јуруковска.
Пијан Славеј има објавено четири поетски книшки: „Креветизам и хоризонтала“ 2018, „Срчки“ 2020, „Полиграф“ 2022 и „Јазик за двајца“ 2024, сите во издание на „Прозарт медиа“.