Полските уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, едни од најзначајните европски уметници од својата генерација, ќе бидат ексклузивни гости на Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ). Во рамките на нивниот престој, од 1 до 14 јули, ќе им биде овозможено да создаваат дела во самиот музеј, а некои од нив ќе му ги подарат на МСУ. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
Нивниот колаборативен процес на работа како „Отворено студио“ ќе се одвива во еден од галериските простори на МСУ-Скопје, секој ден од 14 часот до по полноќ. Музејот е отворен за посетители во редовните термини, од вторник до сабота од 10 до 17 часот, а во недела од 10 до 13 часот. Оние посетители што ќе одат во музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат можност да посведочат на процесот на работа на Жмијевски и Алтхамер.
Уметничкиот тандем е меѓу најважните претставници на таканаречената критичка уметност – карактеристична струја на полската уметност, која се заснова на критичка обработка на актуелните теми од јавниот живот. Во текот на овие две недели, колку што ќе креираат, уметниците ќе создадат триесетина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони итн. Добредојдено е посетителите да донесат дел од овие материјали и со тоа да придонесат во создавањето на делата. На 14 јули ќе биде отворена нивната изложба со наслов „Полска школа на колаж“, која ќе биде поставена до 25 август. Уште поголем куриозитет е што дел од создадените дела, овие светски познати автори ќе му подарат на Музејот на современата уметност – Скопје и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција на музејот.