„Ни ден без творба“ е насловен фестивалот за деца што почнува денеска и ќе се одржува и во наредните два дена, во Младинскиот културен центар, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“. Настаните, кои вклучуваат промоции на книги за деца и млади, читања и дружења со автори и илустратори на книги за деца, креативни работилници, како и летен саем „Ни ден без книга“, со книги за деца и млади на повеќе издавачки куќи, ќе се одржуваат на две локации – на платото пред МКЦ и во просториите на Детскиот креативен центар во рамките на МКЦ, секој ден од 17 до 21 часот.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат и неколку промоции на книги за деца и млади: промоција на „Пет приказни од целиот свет“ на Живко Грозданоски и илустрации на Хари Дудески – книга што ја доби првата награда за најдобра книга за деца и млади на годинешниот саем на книгата, концертна промоција на најновата книга за деца на Владимир Лукаш – „Пу за Мите, пу за сите!“, како и промоција на изданието „Креативен дневник – ни ден без творба“ на Билјана С. Црвенковска и Доротеј Нешовски – активности по цртање и креативно пишување за 365 дена во годината.
На летниот саем „Ни ден без книга“ ќе можат да се најдат изданија за деца и млади на „Чудна шума“, „Бегемот“, „Гаврош“, „Елоквента“, „Светулка“, „Антолог“, „Темплум“…