Книгата „Гравитација“ на поетесата Емилија Тодорова ја доби наградата „Стојан Христов“ за 2022 година на „Струшките вечери на поезијата“.
Збирката на Тодорова победи во конкуренција на „На каучот на Зигмунд Фројд“ на Јулијана Младеновска од Хрватска, „Песни“ на Јосиф Грежловски – Гандедо од САД и „Позлатено распетие“ на Ивица Челиковиќ од Шведска.
„Гравитација“ е во издание на Агенцијата за иселеништво, Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Митко Гогов, Елена Пренџова и Бранко Цветковски.
– Поезијата на Емилија Тодорова е во духот на современоста, односно кореспондира со духот на времето на кое припаѓа поетесата. Очигледно станува збор за веќе созреана поетска натура која повеќе го слуша диктатот на можната уверлива естетика на песната, заокружена и ефектна, отколку спонтанитетот и неодоливоста на емотивните ерупции и обопштувања.
Песните во збирката „Гравитација“ се интимистичко-егзистенцијалистички; полни со контрасти и цврсти метафори, стиховите откриваат кроткост, но и бестрашност. Уверлива поетска структура која се препознава.
Во однос на формата, песните во „Гравитација“ се сценски долги, што би подразбирало должина доволна за современ поетски настап; стихот е слободен, со неколку обиди да се доведат до визуелна форма која би упатила на паузи во читањето.
Конечно, збирката поезија „Гравитација“ од македонската поетеса Емилија Тодорова од Австралија е зрело поетско писмо со дистинктивен личен печат кој се наметнува како оригинално и уникатно писмо кое отскокнува од останатите пристигнати творби и кое несомнено ги задоволува естетските и канонски книжевни критериуми – стои во образложението на жири-комисијата.
Директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, истакна дека досега оваа награда е доделена на 12 иселеници што творат и живеат надвор од државата.
– Емилија Тодорова нѐ враќа назад кон семејните вредности, кон вредностите на општеството и на семејството. Ја охрабрувам и понатаму да твори за да оставиме нешто убаво на идните поколенија – рече Близнаковски.
Емилија Тодорова е родена во Скопје, а од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија.