Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ ја отвора изложбата „Почетоци“ на Гоце Илиевски вечерва, од 19.30 часот.
– Со изложбата „Почетоци“, Илиевски се нурнал во космогониите, од оние најдревните до футуристичките. Едно е сигурно, овој уметник е уверен дека вселената не е случајна. Дури и во највпечатливите уметничко-симболични прикази на еволуцијата на постоењето, еволутивниот развој на неживата и на живата материја има извор надвор од себеси – вели рецензентот Коста Милков за изложбата.
Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил ФЛУ, отсек сликарство, во 2010 година. Има реализирано 15 самостојни изложби и учествувал во многубројни групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и во Полска. Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави. Во 2011 му беше доделена наградата „Златна четка“ за сликарство од ДЛУМ. Учествувал на повеќе резиденции, симпозиуми, работилници, како уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Летонија и престојот во Исланд.