Во центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани е отворена петтата самостојна изложба со наслов „Рак не е само хороскопски знак“ на Сокол Марковски. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година, во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.
– Идејата врз која го градам проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од разните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба. Во случајот претставувањето портрети е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и сознанијата на колективот – вели уметникот.
Портретите се поставени на црна заднина, која ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како огледало на душата (или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност) е изоставено.
– Според теоријата на боите, црната е комплетна апсорпција на светлина и сите бои на спектарот, затоа, независно од другите елементи на колоритната појавност, очите на болниот се слични едни на други, во случајот сите се анонимно црни. Но тоа не се само празни и нечујни црни дупки туку ги содржат сите чувства и борби и, за жал, немо ги рефлектираат надежта и потребата од разбирање и поддршка… Конечно, преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос, на кои е константно подложена индивидуата, апелирам на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот – објаснува Марковски.