Издавачката куќа „ПНВ публикации“ денеска и утре во Демир Хисар ќе го реализира третото издание на проектот „Добри гости“, преку кој иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
Настанот е во рамките на проектот „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста 3“, во организација на центарот за креативни индустрии „Небо“ од селото Суводол, а „Култура бета“ ќе биде медиумски партнер на проектот.
Настанот ќе започне вечерва, во 20 часот, во кафе-бар „Конект“ во Демир Хисар, а ќе настапат дваесетина поети. Следниот ден, од 18 ч., некои од поетите ќе читаат и во „Арт-поинт Гумно“ во Слоештица. За време на овој настан академскиот сликар Сергеј Андреевски ќе изведе сликарски перформанс врз основа на прочитаните стихови.
На третото издание на „Добри гости“ ќе учествуваат: Владимир Мартиновски, Биљана Солунчевска, Марија Велинова, Андреј Ал-Асади, Ѓоко Здравески, Игор Станојоски, Фросина Пармаковска, Перица Сарџоски, Марија Ангеловска, Диме Данов, Антонио Павловски, Зоран Котевски, Кире Огненовски, Стојанче Колевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска. Некои од нив ќе се претстават со поетско-музички перформанс.
„Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Овие гостувања се планира да се одржат во повеќе градови, по што иницијативата ќе заврши кон крајот на 2023 г., со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори.