Ликовна изложба на Друштвото на ликовните уметници – Битола ќе биде отворена на 13 октомври, во 20 часот, во изложбениот салон „Магаза“. Изложбата е насловена „Цртеж, графика и акварел“, а ќе бидат претставени 24 члена на ДЛУБ.
Изложбата ќе биде поставена до 23 октомври.
– Стремежот на изложбата „Цртеж, графика и акварел“ на ДЛУБ кон одомеѓување од конвенцијата на хомогеноста не е само номинален. Еклектицизмот се простира зад (па дури и надвор од) техниките и технето, па така, соодветно разновидни се постулатите, намерите и вредностите на учесниците во оваа изложба. Изразената хетерогеност делумно е скротена со присуството на класични, речиси архетипски мотиви што почиваат, пред сѐ, на силни дразби во хронолошкото време, како што се фасцинација од непосредната околина, физичка и метафизичка, фиксација на личните спомени и личностите патоси, флуктуацијата и нејзиното чувствување, носталгијата и нејзиното чествување – велат од друштвото.
Во квалитативно време, пак, простум стои енклавата ДЛУБ, доследна на својата традиција на иманентна партиципација во ликовниот живот на Македонија. Безмалку полувековното постоење на друштвото е втемелено во стаменото свое минато, за нас, сѐ уште криптично, недоистражено, секогаш ново. Битолската ликовна свест условила афирмативен ликовен живот што се одважил над тековниот позитивизам останувајќи верен на своите идеали.
Изложувачите, членови и гости на ДЛУБ се одликуваат со нагласена индивидуалност и тенденција кон самостојност, кои во најмала рака придонесуваат кон севкупниот поетски впечаток за изложбата. Како заедничка одлика на сите дела, можеме да ја маркираме секогаш недовршената ликовна сентенца, која го провоцира вниманието на публиката и ја згуснува атмосферата во просторот со своето присуство.