Биографската комедија „Ларс и баронот“ во домашните киносали

Проекциите на шведската комедија „Ларс и баронот“, во режија на Џон Торнблад, почнуваат во Кинотеката, од 19 часот, и во центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар. На 21 март, пак, „Ларс и баронот“ ќе се прикажува во центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино, од каде што ќе продолжи и низ другите киносали.
Дејството се случува во Шведска, на крајот на 19 век. Ларс Ериксон и неговата сопруга мора да се преселат од градот во пештера што е лоцирана во шума, во сопственост на локален барон. За да ги преживее лошите услови, во сиромаштија, Ларс започнува со ловокрадство. Тоа не му се допаѓа на баронот, па му наредува да престане. Ларс, кој не е тип на човек што сака да прима наредби, си продолжува по свое и го исмева баронот. Конфликтот меѓу двајцата мажи ескалира, сè додека грофицата, која наследила богатство, не ги покани двајцата на својата годишна ловџиска забава. Ларс и баронот, поради мудриот надзор на грофицата, ќе мора да бидат љубезни еден со друг барем на еден ден.
Сценариото за филмот го потпишуваат Џон Торнблад и Рикард Шмит. Улогите ги толкуваат Никлас Фалк, Илва Лоф, Ленарт Хјулстрем и други.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“.