Главна цел на проектот е да се мотивираат уметниците што работат во различни уметнички дисциплини да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност, специфичните форми на театар, аудиопродукцијата и аудиопоткастот, фотографијата и видеото, како и тоа да се поттикнат, користејќи го стекнатото искуство низ едукативниот процес, да создадат свои партиципативни проекти преку кои ќе имаат импакт во заедницата и ќе дејствуваат во издигање на свеста за разни социјални и политички теми и проблеми, истакнуваат од „Јадро“
КСП „Центар – Јадро“ во рамките на новиот проект „Артс хаб“, кој ќе се реализира во периодот 2023/2024 година, започнува со серијата презентации и разговори со уметници од локалната уметничка сцена.
Преку оваа серија од шест презентации и разговори, домашните уметници и автори, кои во контекст на програмата КСП „Центар – Јадро“ во изминативе две години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/социјално ангажирана уметност (Кристина Божурска, Културно Ехо, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски) ќе можат на своите колеги, пред сѐ помлади и помалку искусни, но и на заинтересираните граѓани од локалната заедница, да им ги претстават своите веќе реализирани проекти и да ги споделат искуствата и лекциите научени од праксата во специфичниот локален контекст. Проследени со прашања и одговори од публиката, овие презентации и разговори, меѓу другото, ќе ги пренесат искуствата и ќе помогнат во освестување на битните аспекти поврзани со подготовката и реализацијата на проекти и акции базирани на социјално ангажираната уметност.
– Серијата презентации ја започнуваме со презентацијата на проектот „Добро. Подобро, чисто!“ на Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски.
„Добро. Подобро, чисто!“ е едукативно-уметнички проект што се реализира во рамките на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“. Проектот има цел да го издигне нивото на јавна свест за еколошките прашања во урбаната средина на градот Скопје и да го поддржи проактивниот однос на поединецот кон општествените предизвици со кои се соочуваме денес.
Преку креативна употреба на фотографскиот медиум и арт-терапија, проектот ги охрабрува учесниците не само да го набљудуваат светот околу себе,туку и да култивираат однос на самоистражување заради јакнење на чувството на лична моќ – информираат од „Јадро“.
Вака осмислен, проектот се реализира во периодот септември – октомври 2022 преку повеќе активности: фотографирање во екстериер, работилница за цијанотипии, работилница со арт-терапија и изложби. Активностите ги спроведуваа Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски во соработка со гимназиите „Никола Карев“ и „Јосип Броз Тито“.
Проектот „Артс хаб“ е место за спојување, креативно истражување и изразување, каде што уметниците и сите оние што се заинтересирани ќе можат да го искусат креативниот процес и ќе можат да ги развијат и надградат своите интереси, знаења и вештини. „Артс хаб“ ќе обезбеди достапен простор за собирање и континуирана работа. На овој начин учесниците ќе имаат можност да ги споделат и надградат своите заеднички интереси, како што се визуелнитe уметности, музиката , изведувачките уметности итн.
– Главна цел на проектот е да се мотивираат уметниците што работат во различни уметнички дисциплини да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност, специфичните форми на театар, аудиопродукцијата и аудиопоткастот, фотографијата и видеото, како и тоа да се поттикнат, користејќи го стекнатото искуство низ едукативниот процес, да создадат свои партиципативни проекти преку кои ќе имаат импакт во заедницата и ќе дејствуваат во издигање на свеста за разни социјални и политички теми и проблеми – истакнуваат од „Јадро“.
Следствено, проектот ќе ги задоволи потребите за комуникација на проблемите со публиките и јавноста преку уметничките проекти во насока на издигнувањето на свеста за проблемите; мобилизација на уметничката сцена, која во соработка со активното граѓанството ќе создаде партнерства и ќе воспостави отворени врски со групите засегнати од проблематиките што проектите ги опфаќаат; охрабрување на разни целни групи во иднина сами да се борат за каузите во кои веруваат и дејствуваат, како и да се поттикнат и да започнат да размислуваат како самоиницијативно можат да го подобрат квалитетот на животот во нивните заедници.
– Овој проект ќе се стреми кон напуштање на класичните формати на продукција и презентација на уметничките проекти што подразбира активна работа со креативци од повеќе уметнички дисциплини, партиципативност, активно учество на граѓаните и публиката – споделуваат од „Јадро“.