Истанбул ми понуди пред сѐ разни кастинзи, каде што научив многу за себе и својата (не)самодоверба. Секој добиен кастинг ми донесе ТВ-серија, која ме научи храбро да излегувам од својот балон на сигурност, да бидам отворена за нови знаења и нови предизвици, вели Слаѓана Вујошевиќ

Слаѓана Вујошевиќ, актерка

Слаѓана Вујошевиќ е актерка со успешна интернационална кариера. Нејзина матична сцена се штиците на Турскиот театар во Скопје. Има остварено голем број улоги во претстави, филмови, турски телевизиски серии, а кај децата е препознатлива по позајмувањето на гласот во „Светот на Биби“ и оживувањето на ликот на Биби. Таа магистрира и докторира во Истанбул, кој ѝ ја отвори вратата кон меѓународната сцена. Вујошевиќ паралелно секогаш ангажирана на неколку проекти вели: „Со широко раширени раце и мал освестен страв, ја предизвикувам 2023-та да ме предизвикува“.

Бевте прогласена за жена на годината. По голем број кариерни признанија, што прво ви прелета низ главата кога дознавте дека сте добитничка во оваа категорија?
– Морам да признаам дека навистина бев многу изненадена, особено поради можноста да ги запознаам сите тие успешни жени. Сакам да верувам дека признанија за вложениот труд му се случуваат секому, и тоа во моментите кога подолго време сме работеле посветено, вредно и непрекинато сме давале сѐ од себе, но и во моментите кога ни треба потсетување дека секогаш можеме уште повеќе и уште подобро. Секоја награда создава убаво чувство, мотивира, но и носи одговорност.

Како се случи да бидете дел од семејството на Турскиот театар?
– Мојата врска со Турскиот театар започна уште вo 2014 година, кога ми беше дадена можност да играм во претставата „Војникот фалбаџија“, во режија на Лука Кортина. Само една година подоцна станав дел и од екипата на претставата „Сон на летната ноќ“, во режија на Александар Поповски, за која ја добив наградата за млада актерка, за ликот на Хелена, на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Во 2019-та, веднаш по моето завршување на докторските студии во Истанбул, се распиша конкурс за вработување, се пријавив и, на мое големо задоволство, бев примена со уште неколкумина млади актер(к)и. Во моментов зад себе имам три претстави како вработена актерка, а најновата „Бела фигура“, во режија на Ирена Стеријовска, својата премиера ја одигра на 10 декември. Турскиот театар е институција со 75-годишна традиција, театар во кој режирале значајни домашни и интернационални имиња. Tеатарoт има извонреден актерски ансамбл, наградуван во земјата и надвор од неа. Истовремено има одлична техничка и креативна екипа од сите други сектори. Сето ова е гаранција за квалитет на претставите на репертоарот и затоа ја поканувам и македонската публика да нѐ посети. Сите претстави се со превод на македонски јазик. Во моментов привремен дом ни е бараката на „Театар комедија“, а со нетрпение го чекаме новиот објект каj железничкатa станица.

Дел од своето знаење и искуство стекнавте во Истанбул, каде што и докториравте, каква улога одигра овој град врз вас?
– Изградбата како актер сѐ уште e во тек и се надевам така и ќе остане. Моите први актерски чекори беа во Детското драмско студио при МРТВ, предводено од Софија Гогова Врчаковска. Таму открив дека сакам да се занимавам со оваа професија, што резултира со запишување на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Mоите професори Владо Цветановски и Мими Таневска ги поставија темелите на актерката во мене. Истанбул, од друга страна, преку магистерските и докторските студии ми овозможи дополнителна практична и теоретска надградба. Магистрирав со темата „Актерска игра на друг јазик“, а докторирав со темата „Филмскиот актер во дигиталната епоха“. Истовремено имав можност да играм на турски јазик во театарски претстави и да ја почувствувам магијата на снимањето на турските телевизиски серии. Истанбул ми овозможи посета на голем број театарски тренинзи во организација на европската асоцијација „Михаил Чехов“, преку кои го дополнив моето формално образование со актерската техника на Чехов. Така се стекнав со нови знаења и искуства, кои почнав да ги споделувам со помладите генерации преку работилниците што ги организирав. Истанбул ми ја даде можноста истовремено да учам, креирам и предавам, и тоа не престанува до денес.

Какво искуство ви беше учеството на турски мегапроекти и популарни турски серии, може ли да се направи паралела со македонската продукција?
– Паралела се прави, но не знам колку е праведна и точна. Секое искуство е добредојдено за мене, од нешто учам како треба, а од нешто што сакам. Истанбул ми понуди пред сѐ разни кастинзи, каде што научив многу за себе и својата (не)самодоверба. Секој добиен кастинг ми донесе ТВ-серија, која ме научи храбро да излегувам од својот балон на сигурност, да бидам отворена за нови знаења и нови предизвици. Имав можност да соработувам со уметници од кои осознав актерски техники што ги носи само долгогодишното искуство. Научив и многу практични работи што теоријата многу сувопарно ги објаснува. Од друга страна, теоријата ми овозможи практичната работа вистински да ја разберам. Остварив пријателства, кои и денес се искрени и вредни и кои имаат удел за тоа што сум јас денес. Не фер е да се споредува со македонската продукција, особено поради моето скромно искуство. Но можам да кажам дека квалитетот е секаде лесно препознатлив.

Вие сте гласот на протагонистката Биби што го негува македонскиот јазик, свесни ли сте за влијанието што го има Биби врз децата?
– Секојдневно сѐ повеќе и повеќе станувам свесна за влијанието на ликовите од „Светот на Биби“ врз најмладите. Секој лик е осмислен да испрати значајна порака и до децата, но и до нивните родители. Во своите сказни, Биби како лик ги препознава проблемите, неправдите или недоразбирањата со кои се соочуваат нејзините другарчиња, притоа нудејќи решенија. На овој начин „Светот на Биби“ има мисија да ги детектира непријатните моменти од секојдневието на најмладите и да ги охрабри полесно и заедно да ги надминуваaт. Преку забавен начин успеа да наметне едукативни и воспитни промени кај цели нови генерации, притоа негувајќи го литературниот јазик и будејќи интерес за убавините на Македонија.

Се чувствувате ли дека со глумењето живеете повеќе животи одеднаш?
– Верувам дека секоја улога буди нов аспект на мојата живејачка и токму тоа најмногу ме возбудува.

На што ја предизвикувате 2023-та?
– Секоја измината година си ставав во календарот цели што сакам да ги остварам до крајот на следната година. Она со кое се соочив е дека во текот на годината ми се случиле толку интересни работи што тие што сум ги посакала претходно изгубиле од актуелноста и сјајот, па дури и сe прашував зар навистина ова ми било важно. Така што оваа година сѐ повеќе им верувам на спонтаните работи што ги носи животот. Некако сфатив дека тоа ме учи како да уживам и во непланираните работи. Со широко раширени раце и мал освестен страв, ја предизвикувам 2023-та да ме предизвикува.