Пишувачкиот предизвик „Карантински приказни“, кој издавачкиот центар „Три“ го распиша кон крајот на март, деновиве го доби својот конечен облик.
– Овој предизвик поттикна голем број љубители на пишаниот збор, но и докажани автори, да учествуваат во создавањето на една антологија од раскази настанати и инспирирани од карантинот. За успехот на предизвикот говори бројката од над 200 пристигнати „карантински“ текстови на нашата адреса – велат од „Три“.

Оваа недела „Карантинските приказни“ пристигаат до читателите во две различни изданија: издание во печатена форма, кое ќе биде гласник на хуманоста и во кое се собрани расказите на докажаните авторски имиња: Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Петар Андоновски, Ѕвездан Георгиевски, Лидија Димковска, Трајче Кацаров, Наташа Сарџоска, Виолета Танчева-Златева и други. Оваа книга ќе може да се најде на сите продажни места на „Три“ по симболична цена, а целиот износ од продажбата ќе биде дониран за здравствена опрема на Клиничкиот центар во Скопје.

– Така, ние и авторите на свој начин даваме придонес во борбата со пандемијата и за подобрување на условите во македонското здравство. Одлуката за овој потег произлегува од желбата да се биде солидарен со колективната состојба, преку ваквиот пионерски чекор во издаваштвото – вели издавачот.
Второто издание од „Карантинските приказни“ е во електронска форма и е достапно бесплатно на апликацијата kniga.mk. Во ова издание се собрани над 100 авторски текстови од учесниците во предизвикот, првпат се претставуваат пред читателската публика.