МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

На 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ денеска беше промовирана книгата
„Еуродрам“ – избор на нови македонски драми, што ја издаде фестивалот. За книгата
зборуваше театрологот Иван Додовски, кој посочи дека е направен избор од шест наслови што се избрани како најдобри, меѓу 25 нови, необјавувани и неизведувани драмски дела напишани на македонски јазик, пријавени на конкурсот на Еуродрам – Европската мрежа за современа драма и превод.

Во книгата се објавени текстовите: „Саатот“ од прилепската авторка Лидија Митоска –
Ѓорѓиевска, „Грејс Кели не пие бамбус“ од Давор Стојановски, „Помеѓу змејот и неговиот бес“ од Сашо Димоски, „Деспот кољ“ од Атанас Вангелов, „Трогледало“ од Ана
Стојаноска и „Белешки на немиот писател“ од Никола Кузелов.

На промоцијата се обрати и авторката Лидија Митоска – Ѓорѓиевска која посочи дека објавувањето на драмскиот текст „Саатот“ и е поттик за натамошно творештво, а актерите Катерина Чакмакоска – Клинческа и Димитар Ѓорѓиевски читаа извадоци.

Вечерва е петта вечер од фестивалот. Досега беа изведени шест претстави во официјална конкуренција. Вечерва од 18 часот во ЦК „Марко Цепенков“ настапува Тетовскиот театар со „Страст или алчност“ од Јуџин О’Нил во режија на Фатим Селими. Од 21 часот пак во театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се претстави Штипскиот театар со „ Едип коментари“ според Едип од Софокле во режија на Драгана М. Попова. Ка.М.