Наградуваната книга за деца „Куферот на Хана“ од канадската авторка Карен Левин ќе биде промовирана утревечер, во 19 часот, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Книгата е дел од едицијата „Читанки“ и е издание на „Арс ламина – публикации“, а е објавена во соработка со Фондот на холокаустот. На промоцијата за книгата ќе говорат Бисера Бендевска, уредничка во „Арс ламина“, и Жаклина Мучева од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а воведно обраќање ќе има и Горан Садикаријо, извршен директор на фондот.
„Куферот на Хана“ е необична вистинска приказна што ја оживува историјата на холокаустот и има цел да ги образова младите читатели за овој мрачен период кога било извршено едно од најголемите историски злосторства кон еден народ.
Пролетта во 2000 година, директорката на еден мал образовен Центар на холокаустот во Токио, Фумико Ишиока, добива една многу важна пратка за изложбата што ја подготвува. Меѓу другите артефакти испратени од музејот „Аушвиц“, пристигнува и еден празен куфер. На него стои испишано името на сопственичката: Хана Бради, 16 мај 1931, сираче…
Карен Левин е канадска радиопродуцентка и писателка. Нејзиниот радиодокументарец „Куферот на Хана“ освои златен медал на Меѓународниот радиофестивал во Њујорк. Во 2002 година ја објави книгата заснована на тој радиодокументарец. Книгата стана интернационален бестселер и има добиено повеќе престижни признанија. Книгата доби и театарска адаптација, во режија на Емил Шер, а за неа беше снимен и документарен филм, во 2009 година, „Во куферот на Хана“.