Босанско-херцеговската режисерка Јасмила Жбаниќ, чиј филм „Кво вадис, Аида“ беше финалист за наградата „оскар“ за странски филм, деновиве истакна дека верува дека фаворит за таа награда е данскиот филм „Уште една рунда“, додавајќи дека сепак се можни чуда. Во интервјуто за сараевскиот „Дневни аваз“, Жбаниќ изјави дека е горда на фактот дека нејзиниот филм, кој потсетува на геноцидот во Сребреница во 1995 година, воопшто влезе во најтесниот избор за најпрестижната филмска награда.
– Ова е ситуација во која не можеш да изгубиш, бидејќи ова е врв во нашата работа. Но без обѕир на тоа: екипата (продуцентската куќа), деблокадите, американскиот дистрибутер, прес-агентот и нашите пријатели, сите лавовски се боревме филмот да го видат што поголем број луѓе и да има што поголема шанса за награда – рекла Жбаниќ.
„Кво вадис, Аида“ е приказна за најстрашното воено злосторство направено на европска почва по Втората светска војна, кога припадници на војската и на полицијата на босанските Срби по освојувањето на Сребреница убија повеќе од осум илјади босански мажи и момчиња. Тоа злосторство е прикажано од перспективата на Аида, преведувачка во холандскиот баталјон на мировните сили на ОН, која, соочена со хаосот преживува и лична драма.

Филмската критика, пред доделувањето на „оскарите“, го оценуваше филмот на Јасмила Жбаниќ како исклучително успешно остварување, но таа деновиве потсети и дека „Уште една рунда“ во својот филмски живот тргна уште во мај 2020 година и имаше дистрибуција во САД така што сите знаеле за него, додека, пак, нејзиното остварување „доцнеше“ половина година во однос на главниот конкурент.
– Направивме чудо што дојдовме до овде. Е, сега, ако гледаме реално, „Кво вадис Аида“ во поголемиот дел од светските филмски медиуми е наведен како „треба да победи“. Значи, оној што би требало да победи, а „Уште една рунда“ го прогласија за филм што ќе победи. Тоа е и логично бидејќи се работи за добар филм, режисер што неколкупати бил номиниран за „оскар“, а во филмот игра славниот, феноменален глумец Мес Миклесн кого Холивуд го обожува – истакнала Жбаниќ деновиве.
– Луѓето велат дека низ „Кво вадис Аида“ можат емотивно да разберат што значи геноцидот во Сребреница, дека можат да ја персонализираат бројката од 8.732 убиени луѓе. Можат барем тие 103 минути (толку трае филмот) да ја почувствуваат борбата на преживеаните – особено на жените и на мајките од Сребреница – рекла Жбаниќ. Филмската кинематографија на БиХ веќе има еден „оскар“, кој го доби филмот „Ничија земја“ на режисерот Данис Тановиќ.