За жал, пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за годинешните, 48. „Мајски оперски вечери“, но, сепак, засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн претстави во текот на цел мај, најави директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов

Оваа година „Мајските оперски вечери“ ќе се одржат на еден поинаков начин, како што велат организаторите, со надеж што поскоро да се вратат на нашата сцена и зад неа. На нашиот официјален јутјуб-канал ќе имаме можност да проследиме десет продукции на Националната опера и балет, осум оперски и две балетски.
За почеток, вечерва ќе можеме да ја проследиме дигиталната премиера на најновата продукција на операта „Кармен“, на 12 мај балетската претстава „Рајмонда“, на 15 мај „Турандот“, на 17 мај „Кавалерија Рустикана“ и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај ќе имаме можност да го проследиме балетскиот концерт „Балетски бисери“, а на 22 мај операта „Фауст“.

На 24 мај, по повод празникот Св. Кирил и Методиј, ќе имате можност да ја проследите операта „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер“ ќе биде емитувана на 26 мај, а операта „Травијата“ на 29 мај. За крај, традиционално, како што и би го завршиле фестивалот „Мајски оперски вечери“, на 31 мај ќе ја емитуваме операта „Аида“.
Директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, вели дека „Мајските оперски вечери“ се крстопат на цивилизации и култури од целиот свет.

– Почитувани вљубеници во оперската уметност, колеги уметници, драги соработници, почитувана публико, ви благодарам што за изминатите 47 години на одржување на „Мајските оперски вечери“ секогаш сте ни давале поддршка, исполнувајќи го нашиот салон со топлина и љубов. За жал, пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за годинешните, 48. „Мајски оперски вечери“, но, сепак, засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн претстави во текот на цел мај – вели Ристов.
Уметничката раководителка на операта Бисера Чадловска додава дека ова е период од годината кога вработените во Националната опера и балет се секогаш најпродуктивни и во зенитот на нашата оперска и балетска сезона.

– За нас 9 мај е најочекуваниот ден во годината, ден до кој доаѓаме по период исполнет со макотрпна работа, труд, но и возбуда поради тоа што нѐ очекува во текот на мај. На уметниците оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот што го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави. Верувам дека сите емотивно го доживуваме овој период и со нетрпение очекуваме да се вратиме на нашите работни места. Сите ние што се занимаваме со музика знаеме дека ја имаме најубавата работа на светот.

И бидејќи постоиме за вас, нашата верна публика, сега од вас ја бараме најголемата поддршка. Во мај споделувајте ги линковите од нашите претстави и не нѐ заборавајте. А на сите вас што некогаш сте настапиле на „Мајските оперски вечери“ или сте учествувале во некој нашите проекти, ви се заблагодаруваме на поддршката. Ви посакуваме добро здравје и што побрзо сите да се вратите во салонот во Националната опера и балет – порача Чадловска.