Организаторите подготвуваат дигитална програма за читање, која можеби ќе биде одржана во живо
Втора година во низа поради пандемијата на коронавирусот е откажан Саемот на книгата во Лајпциг. Тој требаше да се одржи од 27 до 30 мај, но поради сѐ уште присутната пандемија, многубројните сигурносни мерки, како и отежнатите можности за патување, оваа манифестација на книгата, која се смета за една од најважните и најпознати во светот, повторно е откажана.
Организаторите, во соопштението испратено до јавноста, истакнаа дека со голема тага и тешко срце информираат за неодржувањето на годинашното саемско издание.
Оттаму додаваат и дека се откажуваат и манифестациите: „Манга – Комик – Кон“, „Лајпциг чита“ и 27-от „Саем на антиквитетни книги во Лајпциг“. Сепак, организаторите укажуваат дека подготвуваат дигитална програма за читање, која можеби во еден дел, во зависност од пандемијата, ќе може да се одржи и во живо, и би требало да послужи како своевидна подготовка за, како и што се надеваат, „нормалното“ издание на Саемот во март 2022 година.