Вечерва, од 20 часот, на сцената на Македонската опера и балет премиерно ќе биде изведена балетската претстава „Ана Каренина“, на музика на Петар Илич Чајковски. Кореограф е Лео Мујиќ (Хрватска), диригентка Бисера Чадловска, а костимите ги изработи Александар Ношпал. Настапуваат: Мими Поп Алексова Атанасовска/Марија Кичевска Шокаровска како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски, Васил Чичијашвили како Каренин (Грузија).

– Голем предизвик е да се направи уметничко дело што за драматуршка предлошка има двајца великани на руската и светската уметност и култура, Лав Николаевич Толстој и Петар Илич Чајковски. Едно од најпознатите светски литературни дела, „Ана Каренина“ од крајот на 19 и во целиот 20 век претставувало инспирација за многу театарски и филмски креации. Еве го сега пред нас, како инспирација за кореографот Лео Мујиќ и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет. Чајковски во својот прекрасен опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, но никогаш не искористил дело од Толстој. Сепак, за романтична приказна, како што е „Ана Каренина“, како најсоодветна се покажа токму неговата музика. Во нашето кореографско видување се искористени делови од: Концертот за виолина и оркестар, Симфонијата, Сентименталниот валцер, Петтата симфонија, Шестата симфонија и Елегијата – најавуваат од МОБ.

Крсто Скубев од МОБ вели дека во танцовата уметност нема можност да се прераскаже целата приказна, па затоа во оваа „Ана Каренина“ ќе биде ставен акцент на ликовите, нивните карактери, внатрешните психолошки преживувања, емоциите и нивните меѓусебни односи.

– Нашата желба е да креираме дело што, преку танцот, пластично ќе нѐ допре сите нас, не само како статични проследувачи на претставата, туку како живи суштества во ова наше совремие. Преку танцот и движењата, сакаме да ви ги пренесеме чувствата, состојбите на душите и меѓусебните односи на нашите јунаци – вели тој.