Издавачката куќа „Слово“ од Скопје го комплетира објавувањето на Избраните дела во шест тома од Димитар Башевски, автор на дваесетина книги проза и поезија, дел од кои се преведувани и објавувани на неколку европски јазици и наградувани со највисоките награди во земјата. Во избраните дела, покрај другите, се вклучени романите: „Бунар“, „Нема смрт додека ѕвони“, „Сарајановскиот каранфил“, „Братот“, „Прозорци“ и „Круг“. Исто така, во Избраните дела се објавуваат неговите раскази под наслов „Мајсторот“, како и широк избор од неговата поезија.
Избраните дела на Башевски се објавуваат со обемен предговор на Маја Бојаџиевска во кој таа, покрај другото, истакнува дека некои од романите на Башевски се „реперна точка не само за успонот на авторската поетика, туку и за целокупното романескно творештво во Македонија во последниве години“. Секој од томовите на Избраните дела донесува и посебни поговори од видни познавачи на делата на Башевски – академик Катица Ќулавкова, академик Луан Старова, Ефтим Клетников, Јасмина Врбавац, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.