На годинашното осмо по ред издание на фестивалот за анимиран филм „Анимакс“, кој се одржуваше од 29 ноември до 2 декември под мотото „Не понекогаш. Засекогаш“, наградата „златна тула“ за најдобар анимиран филм ја понесе данскиот филм „Ништо не се случува“ на авторката Мишел Кранот. Со втора награда („сребрена тула“) се закити белгискиот филм „Гну“ од Николас Кепенс и од Матијас Флипс, додека „бронзената тула“ ја доби естонскиот филм „Музеј“ од Аги Пак Ји Ли.
Специјални награди добија македонскиот филм „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов и бугарскиот филм „Грда сказна“ на Радостина Нејкова за техника на анимација. Детската публика го изгласа филмот „Гено“ од Грузија на Дато Кикнавелизе за најдобар детски филм. За наградите одлучуваше меѓународната комисија во состав Ана Недељковиќ (Србија), Надежда Маринчевска (Бугарија) и Гоце Цветановски (Македонија).
Во четирите фестивалски денови на „Анимакс Скопје-фест“ беа прикажани 50 краткометражни анимирани филмови и 12 анимирани филмови за деца во официјална конкуренција. Тие беа избрани од пријавените рекордни 3.234 анимации од 83 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.
„Анимакс“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-минтири“, со поддршка од Агенцијата за филм и градот Скопје, и во соработка со Кинотеката на Македонија. Ова е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Целта е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот. И.Б.