КОЈ КРАДЕ ИСТОРИЈА (6)

Погодувате, во овој дел сакам да укажам на нашиот дел од вината за сѐ она што ни се случува. Нашиот народ мудро вели: „Ниту најголемиот душман не може да ти наштети толку колку што самиот можеш да си го сториш тоа“. Она што нашите предци го зачуваа со милениуми и тоа под туѓа окупација, ние успеавме да го раздадеме и распродадеме за само 70 г. во своја сопствена држава.

Што сѐ направи нашава политика:
Го сменивме знамето и се откажавме од македонското малцинство во беломорска Македонија. Го потпишавме рамковниот договор, го усвоивме Законот за јазици, со што од државотворен народ станавме само една од заедниците. Со тоа Македонија де факто стана федерација со две влади и два премиера. Наш премиер изјави дека ние сме краделе историја. Најблаго речено, тоа е срамно!
Под уцени и закани ја потпишавме конечната спогодба со Грција, врз основа на која го сменивме уставното име на државата, спротивно на волјата на народот изразена на референдум. Покрај името на државата, предмет на договорот станаа и националноста, државјанството и јазикот, кои никако не можат да бидат дел од меѓународен договор, затоа што се неотуѓиво право на секој поединец и колективитет. Античките Македонци ги прогласивме за „Грци“. Ако од некаде ова го слушне и види Александар, во гроб ќе се преврти. Човекот што ја создаде првата држава на обединети народи во која сите народи, јазици и религии беа рамноправни и во која немаше ропство, стана дел од хеленската култура во која царуваа робовладетелство, забрана на туѓите јазици и владеење со погроми и асимилации.

Во договорот за добрососедство заклучен со Бугарија се откажавме од македонскиот јазик, се откажавме од македонското малцинство во Пиринска Македонија. Се откажавме од средновековната историја до 1944 г. се откажавме (или сме на пат да се откажеме) од македонската национална гордост – најславните личности од македонската историја. Со тоа практично се прогласивме за коминтерновска творба – измислена нација.

Со двата договора прифативме мешовити историско-образовни комисии. Со тоа им дадовме можност на соседите за нови уцени, закани и блокади на патот кон ЕУ, ако не ги прифатиме сите нивни уцени. Нашиве соседи воопшто не се воздржуваат отворено да ни го соопштат тоа. Така, Ципрас, Коѕијас и Мицотакис директно во лице ни кажаа дека со договорот не е признаена македонска нација, туку државјанство. Што е многу пострашно тоа јавно го призна нашиот министер за надворешни работи. Од друга страна, врвни бугарски политичари, како Каракачанов и Захариева, директно нѐ предупредија дека како Македонци со македонски јазик не ќе можеме во ЕУ.

Од јасно појасно, а ние сѐ уште се залажуваме дека сите спорни прашања со соседите се решени. Напротив, нѐ чека пекол! Најстрашното нешто што македонската јавност го слушна доаѓа од Гркот Спиридон Света во изјавата дадена за „Етнос“. Света е член на мешовитата историско-образовна комисија. Тој вели дека во Скопје е прифатено (меѓу другото) границите утврдени во Букурешт 1913 г. и Париз 1919 г. да се конечни. Тоа не значи ништо друго, туку дека Македонија треба да биде избришана од картата на Балканот, како што беше избришана во овие два наведени договори. Се разбира и за сево ова тотален молк кај нашиве историчари и политичари. Ако сево ова е точно, тоа е рамно на капитулација и национално велепредавство, за кое некој ќе мора да одговара. Затоа македонската јавност очекува веднаш, без одложување, одговор на оваа грчка провокација. Во оваа насока е и изјавата на поранешниот директор на ЦИА за Балканот Стивен Мајер, кој препорачува Источна Македонија да стане дел од федерација со Србија или дел од голема Србија. Очигледно Западна Македонија ја резервирал за голема Албанија.

Сите овие погубни потези се дело на македонските политичари, но подготовките и платформата за овие одлуки на власта ги направи македонската наука, поточно инсталациите во нив. Во Македонија врие од инсталации на туѓи служби. Почнувајќи од С.В.Темпо, преку инсталирањето на т.н. Крагуевачка школа во политичкиот врв, во новинарската фела, невладиниот сектор, до највисоките научни институции како што се МАНУ, Институтот за национална историја (ИНИ), катедрите по античка историја… Ако внимателно погледнете, ќе забележите дека во нив практично и да нема етнички Македонци. Секоја чест на чесните политичари и историчари, но тие останаа настрана, минимизирани и изолирани.

Да се потсетиме што сѐ направи нашата наука:
Во „Историјата на македонскиот народ“ од 1969 г. издадена од ИНИ самите децидно запишавме дека немаме никаква врска со Античките Македонци. Кажавме дека не знаеме кои се. Ако ние не знаеме, се најде некој што знае па си ги присвои и нѐ принуди да го потпишеме преспанскиот договор во кој го потврдивме тоа. Во истата книга сами се прогласивме за дојденци, натрапници од заткарпатските мочуришта. Како главен доказ за тоа се нуди книгата „Чудата на св. Димитрија Солунски“. Но, гледајте чудо, оваа книга не ја видел ниту еден граѓанин на Македонија, затоа што воопшто не е преведена. Притоа никој не се запрашал зошто се крие од очите на јавноста. Ако дојдете до неа и ја прочитате, ќе видите дека таа е најсилниот доказ не за доселување, туку напротив, за рушење на заткарпатската теорија, затоа што во неа во делот I.10 децидно е запишано дека во Солун и во околината е кренат бунт, во кој граѓаните на Солун се поделени и буквално се пред граѓанска војна. За некакво доселување на Словени од зад Карпатите нема ни збор.

Во историјата од 2000 год. (онаа проширената – петтомната) не можејќи да се кријат Венетите како најстари Словени, признавме дека сме потомци на Венетите, но повторно кажавме лага дека сме дојденци од просторите околу Венетскиот Залив, кој најверојатно бил на Балтикот. Внимавајте, МАНУ и ИНИ не знаат со сигурност каде бил Венетскиот Залив. Затоа јавно им порачувам да преминат само една улица и да појдат во Универзитетската библиотека. Таму ќе најдат десетици карти на кои ќе го видат Венетскиот Залив – денешното Јадранско Море, кое опстојува уште од времето на Тројанската војна.

Сами се прогласивме за диви и неписмени до Кирил и Методиј. Наша „славна“ професорка, по потекло од Битола, во книгата „Среднобалкански племиња во предримски период“ не само што ги изостави Македонците туку некои од нив (Мизите) ги прогласи за човекојадци. Истата таа во „Историјата на хелинистичкиот период“, Македонците ги прогласи за најзаостанато грчко племе, а во „Историјата на Охрид и Охридско“ 1985 г. во група со исто така „славни“ историчари/ки запиша дека Охрид никогаш не бил македонски град. Како заслуга на сево ова стана академик на САНУ, а по покана од Грците прифати да учествува како коавторка на најголемиот грчки антимакедонски памфлет „4.000 години грчка Македонија“. Заедно со тогашната нејзина асистентка (подоцна и таа „славна“ професорка) се најголемите промотори на хеленизмот и хелинистичката култура. Но да видиме што запишал за хелинистичката култура еден од најголемите познавачи на антиката професорот Н. Хамонд во својата книга „Историја на Македонија“ – Оксфорд 1988 г.: „Македонската вештина во металопреработувачката, јувелирството, изработката на оружје, сликарството, вајарството, изработката на мозаици и предмети од слонова коска, по својата совршеност и убавина, се речиси ненадминати, што ни дава право да кажеме дека ФАМОЗНАТА ХЕЛИНИЗАЦИЈА ВСУШНОСТ НЕ ПОСТОИ и дека поправилно и поточно би било епохата што започнува со 334 г. пр. н.е., всушност со освојувачките походи на Македонците и нивните сојузници водени од Александар III Македонски во Европа, Азија и Африка, да не се нарекува хеленизам и да не се смета за хеленизација на Балканот, туку да се нарече МАКЕДОНИЗАЦИЈА на ареалот“.

За нашава „славна“ професорка пишувањето на Хамонд е неприфатливо. Ја разбирам, тој ѝ ја руши тезата за хеленистичка култура. Истата таа професорка минатата година објави книга „Триптих за македонскиот идентитет“ во која поименично наброја педесетина домашни и странски авторитети и ги прогласи за новокомпонирани турбофолк-историчари, само затоа што аргументирано ги рушат тезите за наводно доселување Словени, тезите за нивна неписменост до IX век и особено затоа што ѝ ја рушат тезата за хеленистичката култура, која таа ревносно ги промовира во своите книги.

Еден друг наш научник, сега професор во Австралија, кој стекна слава пишувајќи за Хунзите и Калашите, во „Зборникот на трудови за македонските работи“ (2012 г.) во издание на ИНИ напиша: „Жителите на Јужна Македонија, денес Северна Грција, во минатиот век се декларирале Елини а не Македонци, а за терминот славомакедонци вели дека е неадекватен затоа што македонскиот јазик иако е во групата јужнословенски јазици е најмалку словенски“. Јас би додал само СРАМНО! Група научници независно едни од други промовираат 5.000 латинизми, турцизми и грцизми во македонскиот јазик. Очигледно не се сетиле да се запрашаат од каде овие латинизми, турцизми и грцизми во рускиот, полскиот, чешкиот… јазик. Ќе наведам само еден пример што ја открива бесмисленоста на оваа теза. Зборот МАКЕДОН се третира како латински со значење магдонос. Од Латините го презеле Грците од каде што наводно дошол во Беломорска Македонија и охридско-струшкиот регион. Внимавајте, уште од 1998 г. во потсвеста на Македонецот се турка тезата дека македонскиот јазик е дијалект на грчкиот. Сите овие „научни“ тези ѝ послужија на власта како алиби и платформа за потпишување на погубните договори со Бугарија и со Грција, за рамковниот договор и Законот за јазици, со кои македонската држава е разнебитена докрај, претворена во нефункционална држава, подготвена за парчење. Со еден збор, се направени сите подготовки за конечна реализација на Букурешкиот договор. Тука мора да се постави прашањето, зошто вакви погубни тези пласира нашава наука. Можни се три причини: тотално непознавање на историјата и примена на Ресавската школа, кариеризам и политикантство или поради алчност и финансиски привилегии. Кој од нашиве научници во која група треба да се смести јас не можам да кажам. Тоа е работа на некои други органи и служби. Она што со сигурност знам е дека ако не расчистиме со инсталациите во науката и политиката не ќе можеме да опстоиме како држава и народ. По сево ова кај мене сѐ уште постои дилема дали некој ни краде историја или самите ја раздаваме и распродаваме.

Љубе Христовски
(Дардан Венетски)
КРАЈ