Секоја година на 15 септември на глобално ниво се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за лимфом. Свесноста за лимфон и препознавање на симптомите се од суштинско значење за раното откривање.

Кон одбележувањето на овој ден во ек на Ковид-19 пандемија се приклучува ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија Скопје, со апел до населението за сериозноста на лимфомот како заболување и потребата за неговото навремено препознавање и лекување.

„Многу е важно да им помогнеме на граѓаните да ги препознаваат симптомите на лимфомот и да побараат на време помош од лекар. Зголемен, безболен, поткожен лимфен јазол е симптом кој не треба да се занемарува ниту од пациентите, ниту од здравствените работници. Дополнително, намалена енергија, треска, температура, чешање по телото, намалување на телесна тежина, се исто така симптоми кои не треба да се игнорираат. На овој ден испраќаме апел до граѓаните навремено да се јавуваат кај своите матични лекари кога ќе забележат некоја од овие состојби. Да не дозволат состојбата со КОВИД-19 да ги одврати од посетата кај матичниот лекар затоа што физичкиот преглед на лимфниот јазол е клучен чекор во откривањето на ова заболување. Исто така, апелираме до матичните лекари редовно да ги прегледуваат своите пациенти со палпација на лимфните јазли, затоа што раното дијагностицирање и соодветниот третман на ова хематолошко малигно заболување има клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот. Доколку рано се дијагностицира и навремено се третира, пациентите добиваат шанса за долг, квалитетен и среќен живот“, изјави проф. Д-р Ирина Пановска – Ставридис, директор на ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје.

Во нашата земја во 2019 година беа дијагностицирани 150 пациенти со лимфом, во 2020 година до месец август биле откриени 74 пациенти со ова заболување, додека во оваа 2021 година само кај 52 пациенти е дијагностициран лимфом. Овие бројки бележат пад на ново дијагностицирани пациенти со не-Хочкинов лимфом од 38% споредено со истиот период од минатата 2020 година. Од почеток на пандемијата па до денес забележуваме континуирано опаѓање на бројот на ново дијагностицирани пациенти. Но за жал овој опаѓачки тренд, не значи дека нема ново заболени пациенти, туку дека луѓето со симптоми поради пандемијата и стравот од зараза, не посетуваат навремено доктор а со тоа ја пролонгираат раната детекција која е од огромна важност кај малигните заболувања.

Најдобриот начин да се детектира во рана фаза болеста, кога шансите за излекување се најголеми, е преку заедничката соработка на пациентите и докторите. За таа цел Клиниката за хематологија во Скопје, отвори и електронската амбуланта, со која се поедноставува комуникацијата помеѓу матичните лекари и хематолозите.

Помеѓу другото и со цел да се заштити оваа група пациенти која е под зголемен ризик од инфекција, развој на тешка болест и смртен исход, Универзитетската Клиника за хематологија – Скопје, препорачува кај овие лица да се спроведе и вакцинација за Ковид-19.

Приближно 1 од 50 лица има ризик да заболи од оваа болест во текот на својот животен век. Затоа, потребно е да се подигне свесноста за лимфомот како најчестата форма на хематолошка малигна болест.