Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин дека конструктивен дијалог со Русија отвора нов пат кон мирот.

На заедничка прес-конференција во Хелсинки тој нагласи дека денешниот состанок е почеток на еден долг процес со силен дијалог со Русија. 

– Нашиот однос никогаш не бил полош од сега, изјави Трамп, наведувајќи дека по разговорите што траеја четири часа во Хелсинки, се се променило. Тој оцени дека со Путин е договорено раговорите да продолжат во иднина.

– Путин е добар ривал и тоа е комплимент, изјави Трамп, додавајќи дека дава предност на дипломатијата и ангажманот, а не на конфликти и непријателство. Тој наведе дека со Путин разговарал за наводното мешање во американските избори. Според него, американската истрага за руското мешање е „катастрофа“ за САД.

– Лесно ја победив Хилари Клинтон, изјави Трамп.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска во Хелсинки дека Русија никогаш не се мешала во изборниот процес во САД. 

– Морав да повторам дека руската држава никогаш не се меша и не планира да се меша во внатрешиот американски изборен процес”.

Тој потврди дека немало „заговор” меѓу неговата кампања и руската влада.

– Разговорите минаа во отворен амбиент. Ги сметам за многу успешни и многу корисни, изјави Путин на прес-конференција по преговорите.

Путин најави дека Студената војна е завршена и САД и Русија треба да  ги решаваат проблемите заедно.

– За сите е очигледно дека билатералните односи се во сложен период, и тие тешкотии и тензични услови, немаат објективни причини. Студената војна одамна заврши, епохата на остро идеолошкиот спротиставување меѓу двете страни останува далеку во минатото, ситуацијата во светот исклучително е променета, изјави рускиот претседател.

– Русија и САД се соочуваат со различни предизвици – опасно дебалансирање на механизмите на меѓународна безбедност и стабилност, регионалните кризи, ширење на терористичката закана и трансграничен криминал, зголемувањето на проблемите во светската економија, еколошките и други ризици. Справувањето со сите тие проблеми е можно само со заеднички напори, изјави Путин. 

– Се надевам ќе стигнеме до такво разбирање и со американските партнери, додаде рускиот претседател.