Украина има потенцијал да ѝ нанесе големи загуби на Русија и да напредува на бојното поле, тврди украинскиот претседател Владимир Зеленски. Говорејќи во видеообраќање, доцна синоќа, по состанокот со високи воени команданти, тој изјавил дека интензитетот на нападите против Русите мора да се засили.
– Разговаравме за моментната ситуација на линијата на фронтот околу Украина. Имаме дефинирано задачи во некои тактички области за да ги зајакнеме нашите позиции. Исто така, темелно го разработивме прашањето за снабдување на војниците со модерно оружје – интензитетот на нападот на непријателот допрва треба да се зголемува – посочи тој.
Изјавил дека учесниците на состанокот се согласиле дека Украина има потенцијал да напредува на фронтот и да им нанесе нови значителни загуби на окупаторите. Киев се надева дека западното оружје, особено ракетите со долг дострел, ќе ѝ овозможат на Украина да почне контранапад и да ја врати територијата.
– Секој од руските напади е аргумент за Украина да добие повеќе модерно и ефективно оружје. Секој од овие напади само ја зајакнува нашата желба да ги победиме напаѓачите и тоа сигурно ќе се случи – рекол Зеленски.
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, пак, ја изрази својата поддршка за одлуката на Русија да почне специјална воена операција во Украина, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
– Ја поддржувам Русија. Не само затоа што имаме сојуз со Русија и не само затоа што сме законски обврзани да го сториме тоа врз основа на договор со Русија. Ова е познат факт веќе некое време, ова е нашата доктрина. Да не ги надмудри Русија членките на НАТО, тие веќе ќе се организираа и ќе ѝ зададеа удар – рече Лукашенко во интервју за АФП.