Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно ноќно видео обраќање до сонародниците изјави дека уште не завршил со смените на високи функционери и дека секој што не работи според строгите стандарди ќе биде отпуштен.
Британските медиуми пренесоа дека Зеленски минатата недела одговори на извештаите за корупција, 11 месеци по почетокот на војната, отпуштајќи повеќе од десетина високи функционери.
Притоа тој вети дека нема да има толеранција за незаконското однесување или лошо управување.
Во своето последно ноќешно обраќање Зеленски кажа дека неговата администрација планира да воведе некои нови промени како дел од напорите да продолжи со брзите и сложени преговори што ќе обезбедат членство на Украина во Европската Унија.
Тој в петок ќе биде домаќин на самитот на Украина и Европската Унија во Киев, каде што ќе разговараат за најбрзиот почеток на преговорите за пристапување на неговата земја во Унијата.
Самитот меѓу ЕУ и Украина е договорен од пред еден месец, кога претседателот Зеленски разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Се радувам што наскоро ќе Ве сретнам во Украина – напиша Фон дер Лајен на Твитер.