Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Велика Британија да му дозволи да користи ракети со долг дострел „Сторм Шедоу“ („Storm Shadow“) во нападот на Русија, бидејќи тој тврди дека прекуграничен напад на украинската војска може да го „собори“ рускиот претседател Владимир Путин.
Украинските сили до синоќа контролирале околу 1.000 квадратни километри од Курск, пограничен регион во јужна Русија, според високиот генерал на Киев, а нападот ја означува првата странска инвазија на руска територија по Втората светска војна – пишува британски „Телеграф“.
„Телеграф“ објави дека владата на Обединетото Кралство не и дала дозвола на Украина да ги користи ракетите „Сторм шедоу“ како дел од нападот врз Курск.
-Нема промени – изјави владин извор.
Претседателот на Украина нареди подготовка на „хуманитарен план“ за руските граѓани во Курск под контрола на Украина, додека украинските сили почнаа да градат теренски болници и утврдувања како подготовка за окупација на областа.
Зеленски им наложи на одбранбените претставници и дипломатите да „претстават список на неопходни дејствија со цел Украина да добие дозвола од своите партнери да користи оружје со долг дострел за одбрана на својата територија“.
Киев, исто така, побара од Вашингтон дозвола за употреба на ракетата со долг дострел „Atacms“ за време на офанзивата во Курск, но и тоа беше одбиено.
Гувернерот на Курск, Алексеј Смирнов изјави дека Украина сега контролира најмалку 28 села и градови во областа.
Тој исто така рече дека најмалку 12 лица загинале во нападот и дека 121.000 граѓани ги напуштиле своите домови и дека уште 59.000 најверојатно ќе бидат раселени.
Русија, исто така, нареди евакуација на околу 11.000 луѓе од соседниот регион Белгород, бидејќи властите предупредија на „непријателска активност на границата“.