Фото: Пиксабеј

Зборот на годината, кој го избра издавачката куќа Оксфорд (Oxford University Press), е „затапување“ (brain rot), поради, како што се наведува во објаснувањето, бескрајното „скролање“ на социјалните мрежи и содржината која го затапува умот, соопшти денеска британскиот универзитет Оксфорд.

Повеќе од 37.000 луѓе учествуваа во гласањето и помогнаа да се избере зборот од краткиот список што го состави издавачката куќа Оксфорд, пренесува Гардијан.

Зборот „затапување“ е дефиниран како „наводно влошување на менталната или интелектуалната состојба на една личност, особено како резултат на прекумерна потрошувачка на материјал, а сега особено онлајн содржина, која се смета за тривијална или непредизвиклива“. Организаторот соопшти дека терминот „доби ново значење во 2024 година како термин што се користи за изразување загриженост за влијанието на прекумерната количина на неквалитетна онлајн содржина, особено на социјалните медиуми“.

Главниот уредник на речниците на Оксфорд, Каспер Гретвол, рече дека зборот „затапување“ зборува за една од согледаните опасности од виртуелниот живот и за тоа како го користиме слободното време.

-Не е изненадување што толку многу гласачи го прифатија терминот, поддржувајќи го како наш избор оваа година. Исто така, ми е фасцинантно што зборот затапување е усвоен од генерацијата З и генерацијата Алфа, заедниците кои се во голема мера одговорни за употребата и создавањето на дигитална содржина на која се однесува терминот – рече Гретвол, пренесува Танјуг.