Фото: Пиксабеј

Истарската полиција поднесе пријава против 38-годишен маж од околината на Ровињ кој е обвинет дека поттикнал Британец да скокне со падобран од вијадукт висок над 120 метри, кој загина при скокот во септември годинава. Како што објави индекс.хр, пријавениот 38-годишен маж полицијата го товари за кривично дело загрозување живот и имот со општо опасно дело или средство за кое законот предвидува казна затвор до пет години.

Од полицијата велат дека ја завршиле кривичната истрага и утврдиле дека 38-годишен маж од областа Ровињ во утринските часови на 8 септември организирал пристигнување на двајца британски државјани на вијадуктот Лимска Драга, а потоа и покрај забраната за движење на пешаците по автопатот, ги донел пешки на вијадуктот и им дал дозвола да скокаат со падобран на неговото земјиште. Земјиштето кое се наоѓа под вијадуктот, осомничениот специјално го опремил за слетување со падобран. Откако утрото странските државјани скокнале со падобран, попладнето осомничениот повторно ги поттикнал да скокнат од вијадуктот иако знаел дека се работи за опасен чин.

За време на попладневниот скок, околу 16:15 часот, 53-годишен државјанин на Велика Британија го изгубил правецот на скокот и се заглавил во дрво, а потоа паднал на карпеста површина и поради повеќе повреди починал при медицинскиот транспорт во болница.

Против осомничениот хрватски државјанин е поднесена кривична пријава до надлежното државно правобранителство во редовна постапка, соопшти полицијата.