Американскиот претседател Џо Бајден предвидува дека Русија ќе тргне кон Украина, но призна дека постои неединство во НАТО за можниот одговор на „мал упад“, на прес-конференција во Белата куќа по повод првата година од неговиот мандат.
– Едно е ако има мал упад и почнеме да се расправаме што да сториме, а што да не сториме. Но ако тие навистина го сторат тоа за што се способни со силите на границата, тоа ќе биде катастрофа за Русија, ако извршат инвазија врз Украина – изјави Бајден.
Искрениот одговор ги изнесе на виделина потешкотиите со кои се соочува Бајден во обидот да изнајде конкретен одговор со значителни последици за Москва.
Ваквите забелешки на американскиот претседател наидоа на реакција од Киев чии власти вчера се состанаа со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Бајден ја изнесе можноста за економски санкции врз Русија во случај неговиот колега Владимир Путин да испрати трупи преку границата, но сугерираше дека Западот нема јасна намера што да стори во случај на помал упад.