Бугарскиот историчар Топалов ја торпедира заедничката комисија со Бугарија

Македонскиот дел од заедничката комисија со Бугарија за историски и образовни прашања требаше и мораше одамна да се повлече и да ја блокира работата, бидејќи имаше едно чудо понижувачки и навредливи причини, предизвикани од другата страна, коишто во никој случај не смееја да се проголтаат и толерираат. Нашите историчари, меѓутоа, секако под притисок на политичарите, наместо достоинство, покажаа сервилност, што беше срамно и за нив, ама и за земјата. Како резултат на нашето безрбетно однесување, бугарските „браќа“ сѐ повеќе го губеа компасот, се силеа, за деновиве да се појави „професорот“ Кирил Топалов, којшто е член на бугарскиот дел од комисијата. Во интервју за БГНЕС (мкд.мк од 28/12/2021), тој партал ги прави нашите историчари, ама и целиот наш народ, како и државата. Просто е неверојатно што кај нас немаше никаква реакција на интервјуто. Изгледа сме подготвени за нов катастрофален пораз и дефинитивно бришење на Македонците, па затоа молчиме?
Во една сериозна држава, каква што ние очигледно не сме, први би требало да реагираат надлежните институции, во конкретниов случај МНР, под чија капа функционира комисијата. Арно ама, првиот и вториот човек во МНР се Албанци, што досега се нема случено во ниту едно друго министерство, што значи дека таквото решение е – намерно: тие најлесно ќе го жртвуваат македонизмот! За да не останат никакви дилеми, ќе повторам: немам никаков проблем и претседателот на државата, и премиерот, и спикерот, и 90 проценти од министрите да бидат Албанци, ама не поради етничката припадност туку заради нивните квалитети, посветеност и лојалност да работаат за интересите на Македонија. Денес, апсолутно не е така. А дипломатијата, предводена од Бујар Османи, се обидува односите со Бугарија да ги гради врз очигледна антимакедонска политика.
Но да се вратиме на Кирил Топалов. Тој вели: „Бугарскиот идентитет не смее да се жртвува во име на деловните односи, а политичарите што ќе ја предадат бугарската кауза во Македонија, се осудени на политичко самоубиство“, што е директна опомена за новиот премиер, Петков. Топалов обвинува дека – „Македонија е последниот бастион на титоизмот“! Тврди – „Македонија не е независна држава. Зависна е од Србија, секој нејзин потег е диктиран од Белград“!? И, продолжува – „Жално е што понекогаш создавањето идентитет на еден народ минува преку градење омраза кон соседот, а во нашиот случај – најблискиот роднински народ, со кој до 1944 бевме едно“. Тој смета дека – „Македонската влада и двете главни партии симулираат желба за влез во ЕУ и ја користат Бугарија како алиби дека ја запира нивната евроинтеграција, бидејќи немаат желба за реформи и европски вредности“!? Топалов е уверен дека – „Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ пред Србија. Белград нема да ја пушти“!?

Човекот очигледно ги измешал лончињата и вергла будалштини. Замислите што прашува – „Ако некој ви каже да се откажете од вашиот татко и дедо, каков идентитет ќе имате утре“!? Зарем е можно никој да не му спомнал дека токму тие од нас го бараат тоа, и тоа ултимативно, а не ние од нив? Зарем е можно толку да ги извртува работите? Сепак, тој има и поента кога инсистира Македонија да го почитува договорот за (не)пријателство, од 2017 г., каде што навистина стои дека сме имале заедничка историја. Според него, тоа значи дека – „до 1944 г. сме биле еден народ, со еден јазик – бугарски народ со бугарски јазик“. Дури потоа се создала – „оваа српско-македонско, дијалектно-бугарска мешавина што ја нарекуваат македонски јазик… и наше право е да го признаеме како таков, или не“.
За Топалов, македонските членови на заедничката комисија се – „добро обучени фалсификатори на историјата, кои многу добро ги знаат историските факти и извори, но не сакаат да се усогласат со нив“. Тврдењата, пак, на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, дека Климент и Наум Охридски ја создале македонската духовност и литература и потоа му ја дале на целиот словенски свет, Топалов ги карактеризира како –„политички иредентизам“, и опоменува: „Македонија уште утре може да има претензии за Пиринска и за Егејска Македонија“. Ги критикува и медиумите во Македонија како целосно цензурирани. Како ли сега ќе објасни што и неговиве гнасотии се објавени?
Дури на крајот, Топалов ги открива картите или, можеби, ни праќа ишарет, зошто мора да биде поголем јаничар од Турците. Вели – „ние, потомците на поранешните македонски бегалци, сме речиси една третина од бугарското население“! Меѓутоа, не објаснува – кои се тие „поранешни македонски бегалци“? Грци, Срби, Бугари… или, сепак, Македонци? Ако го признаеше Топалов потеклото на самиот почетокот, ќе го читавме со поголемо разбирање, ама и со жал во душата. Неговото семејство, та и тој лично, очигледно дозволиле да бидат асимилирани, и сега мораат да докажуваат дека припаѓаат таму каде што се туѓо тело. Кога тврди дека – „Не е толку лесно да го жртвуваш идентитетот во име на развој на бизнис“? – веројатно се потсетува на трагично фамилијарно искуство? Зашто тие се бугаризирале? Клучна е, сепак, неговата дилема – „ако се откажете од вашиот татко и дедо, каков идентитет ќе имате утре?“ Тоа сигурно му извира од потсвеста и е страшно.
Затоа тој се залага – „Ние треба да ја заштитиме нашата историја, доведени сме до работ, во спротивно нашиот историски идентитет ќе пропадне“. Топалов ја претера, ама, во основата, е во право бидејќи пообјективно истражување на историјата неизбежно ќе покаже дека голем дел од бугарската е всушност – украдена македонска. Можеби тој чувствува страв дека „релативизирањето на бугарскиот идентитет“ може да води во просветлување на Бугарите и нивно освестување дека сме сите ние, всушност – Македонци! Изваден е од памет дека, ако работите тргнат во таа насока, тој и неговите повторно ќе минуваат низ истиот пекол на промена на идентитетот и враќање на сопствениот. Еднаш доживеаните несреќи не се забораваат и оставаат трајни рани и лузни.

Инаку, генерално измислената бугарска измама, која и Топалов ја вергла – „да не негуваме многу оптимизам дека лесно ќе се справиме со антибугаризмот таму“ е само провидно прикривање на сопствените ментални девијации. Во услови кога тие негираат дека ние постоиме како народ, дека немаме свој јазик… тврдат дека ние шириме омраза кон нив!? Нешто сериозно не е во ред со нашите „бугарски браќа“. Поголем политички блеф, здравје.
Незамисливо е сега, по еден ваков мегаскандал, нашите историчари повторно да седнат на иста маса со Топалов, или да продолжат да комуницираат преку онлајн врска. Зарем е можно до толку да сме ги загубиле гордоста и самопочитувањето? Што може да се договори со него и другите, кои се исти, а можеби и полоши? Апсолутно ништо објективно и од интерес за Македонија. Може ли, и дали треба, да се разговара со некој што ве плука и навредува во секоја пригода? Во повеќе наврати, и Ангел Димитров, неговиот шеф во комисијата, се однесуваше ултимативно и ја понижуваше Македонија. Тој ни порачуваше дека – „нивните ставови се политички верификувани“, што значи дека се непроменливи и дека немаат врска со историјата.

Последно беше: „Ако Македонија не го смени однесувањето во билатералните односи, не можат да очекуваат дека Бугарија ќе направи отстапки под надворешен притисок“ (мкд.мк од 16/10/2021). Значи – или капитулација, или трајна блокада.
И поради сето ова, во интерес на двете земји е комисијата веднаш да престане со работа. Досега, таа отвораше само стари рани, кои никаде не водат, освен во директна меѓусебна конфронтација, која ескалира на дневна основа. Суверено право на секоја држава е да ја дефинира својата историја. Тоа е правило што важи и за сите членки на ЕУ. Вториот наш исчекор мора да биде откажување и на договорот за (не)пријателство. Ако не го направиме тоа, никогаш нема да влеземе до ЕУ. Договорот ќе биде главниот „аргумент“ на Бугарија против Македонија, а светот ќе има разбирање за тоа.
До кога ќе се резилиме? Повторно сме ние на потег.