Началникот на генералштабот на украинската армија Валериј Залужни соопшти дека денеска врз Украина биле истрелани 75 проектили.
Залужни на Твитер напиша дека 41 од нив биле соборени од воздушната одбрана на Украина.
– Вооружените сили прават се за да ги заштитат сограѓаните. Сепак, непријателскиот напад продолжува. Ги повикувам сите да останат во засолништа! – напиша тој.
Украинското Министерство за одбрана на Фејсбук напиша дека ќе се одмазди за денешните руски ракетни напади.
На Твитер, пак, нагласи дека Украина никогаш нема да се предаде.
Руските ракетни напади во Харков погодија локација на енергетската инфраструктура, што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода во некои области на градот, изјави градоначалникот на Харков, Игор Терехов.
Над Харков се регистрирани три летови на проектили и „специјалистите и комуналните работници прават се што можат за да го вратат нормалниот живот во Харков“, напиша Терехов на Телеграм.
Регионалниот шеф на Харков, Олег Синегубов, исто така, ги потврди нападите.
– Непријателот го напаѓа Харков. Има експлозии во градот – напиша тој на Телеграм.
Синегубов ги повика жителите на Харков да останат во засолништа затоа што се очекуваат уште напади.