Фото: Мариупол

Мариупол веќе три недели е под опсада од руските сили, при што се проценува дека речиси 100 илјади луѓе остануваат заробени во украинскиот пристанишен град кој е цел на бомбардирање, објавува британски „Гардијан“. Локалните власти тврдат дека 80 отсто од инфраструктурата досега е уништена, а жителите останаа без снабдување со вода, електрична енергија и парно греење.

Наспроти тешката ситуација, Украина го одби рускиот ултиматум за предавање на Мариупол. Се проценува дека падот на Мариупол би претставувал економски удар за Украина и симболична победа за Русија.

– Мариупол има практична и симболична важност за Русија. Тоа е голем пристанишен град и база на украинските вооружени сили. Па, ако Русите сакаат да имаат копнен коридор од Донбас до Крим, тие треба да го контролираат градот – вели Андриј Јаницки од киевската школа за економија за „Гардијан“.

Од 2014 година, помалку од 30 километри го раздвојуваат Мариупол од териториите под контрола на руските сепаратисти во Донбас.

Мариупол претставува и центар на металургијата, при што најголемите украински железарници се во градот. А во Мариупол се наоѓа и најголемото трговско пристаниште во Азовското Море.

Украинските власти соопштија дека се договорени девет хуманитарни коридори, но оти не е постигната спогодба со Русија за воспоставување на коридор од Мариупол.