Фото: Игор Бансколиев

Балканот, како регион подложен на влијанија од секаков вид, се покажува како крајно неотпорен, особено на пропагандно дејствување. Па, така, деновиве духовите во Косово, но и во Србија беа разбранувани од еден видеоспот во кој се користат деца за да се постигнат некакви пропагандни цели, но кои во една особено сензитивна средина се сфаќаат како исклучително сериозна закана. Аналитичарите го оценуваат овој видеоспот како директен говор на омраза и разгорување национална нетрпеливост, што во услови на воената психоза што доаѓа од Украина се толкува како „жарче во бурето барут“

Во немирни времиња немирот од потенцијална војна брзо се шири

Ситуацијата во Украина повторно ги врати сеќавањата на стравотиите од војната кај голем број жители на балканските држави, кои низ историјата многу често се наоѓале во позиција да ги почувствуваат одблизу, и тоа најчесто на своја територија. Не случајно, меѓународните геополитички аналитичари со прст покажуваат кон овој дел на светот како потенцијално, следно жариште на избивање воен конфликт. Овој регион, според многумина од нив, се наоѓа во состојба на некаков „замрзнат конфликт“, што се должи на внатрешните етнички поделби и на преклопувањето на интересите на големите сили, кои го држат балканскиот простор како залог за расчистување на сметките на големите суперсили, во исцртувањето на новите територии на влијание.

Се засилува мониторингот, но и военото присуство

Како поткрепа на ваквите укажувања, жителите на регионот го сфатија и неодамнешното именување од страна на Германија на својот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Зарацин, со што, по Европската Унија, Обединетото Кралство и САД, во специјалната мисија за Балканот се вклучува и германската влада. Официјалната задача на германскиот посредник, како што објасни шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, е со големата светска четворка да дејствува на создавањето силен, стабилен и на мир заснован Западен Балкан, каде што сѐ уште постојат отворени прашања за дијалогот Белград и Приштина, за стабилноста на БиХ, како и за „спречување на негативното влијание на Русија на овој регион“. Со слична мисија беше назначен и европскиот посредник во дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак. Од Обединетото Кралство за специјален пратеник за Западен Балкан е назначен Стјуарт Пич, а од САД оваа функција ја доби Габриел Ескобар.
И како да не беше доволно ова „ненадејно“ засилено интересирање на големите сили за регионов, од Сараево во пошироката јавност беа испратени фотографии што заплашуваат, без разлика што се и тие се толкуваат со некаква мировна мисија. Авионите што го параат небото, проследени со татнежот и чкрипењето на гасениците на оклопните возила и зголемениот број војници по улиците си го направија своето. Луѓето повторно ја почувствуваа воената психоза за која мислеа дека нема да се повтори.
Повод за ваквото размислување беше распоредувањето на новиот контингент на ЕУФОР во БиХ, проследено со тренажни летови на млазни авиони, по барање на Франција. Војниците на ЕУФОР, исто така, шетаа низ главниот град. Возеа низ улиците на Сараево. Новиот контингент од 500 војници е мерка на претпазливост, велат властите. Според „Дојче веле“, намерата е со демонстрација на сила да се испрати порака дека „нештата во БиХ мора да останат такви какви што се!“
Аналитичарите веруваат дека медиумската пропаганда, која го достигна својот историски максимум во конфликтот на Русија и на Украина, може да предизвика дополнителна дестабилизација и на просторот на Западен Балкан. Добар пример за тоа, смета германската агенција, е неодамнешниот повик на Министерството за одбрана на Србија до резервниот состав за изведување воени вежби овој месец. Некои од западните медиуми на оваа активност гледаат како демонстрација на сила, пред сè кон земјите во опкружувањето.

Користење медиуми за ширење воена психоза

Се чини дека воената психоза од Украина се шири во концентрични кругови и зафаќа сѐ поголема површина. Балканот, како регион подложен на влијанија од секаков вид, се покажува како крајно неотпорен, особено на пропагандно дејствување. Па, така, деновиве духовите во Косово, но и во Србија беа разбранувани од еден видеоспот во кој се користат деца за да се постигнат некакви пропагандни цели, но кои во една особено сензитивна средина се сфаќаат и крајно негативно и како исклучително сериозна закана.
Аналитичарите го оценуваат ова како директен говор на омраза и разгорување национална нетрпеливост. Медиумската кампања во Косово започна со објавувањето на видеото на бизнисменот Бурим Пирај и групата „Беса бес“ пред неколку дена, кое и сега се прикажува на телевизија и на социјалните медиуми. Во него „девојче се обраќа со прекор кон својот татко во продавница“, кој купува српски производи, со зборовите „нели баба рече да не купуваме српски производи? Сакаш да нѐ отруеш? Зарем на баба не ѝ го убија целото семејство и таа остана сама?“ Зборовите на девојчето ги слуша и жена, која исто така ја наполнила количката со српски производи, а потоа ја фрла кошницата со насолзени очи. На крајот од видеото може да се види логото на авторот на видеото, со порака на албански јазик „да не купуваме српски производи“, а пречкртан е и делот „860“ – бар-код на Југославија.
Посочувајќи дека видеото што се емитува против купувањето српски производи во Косово содржи говор на омраза и разгорување национална нетрпеливост, аналитичарите предупредуваат на недостиг од реакција и од Косово и од меѓународните институции, пред сѐ од УНХЦР, бидејќи девојчето од видеото се злоупотребува за политички цели.

И божјите храмови се користат како генератори за национална и верска
нетрпеливост

Повикот до Албанците за бојкот за купување српски производи во Косово и Метохија, започнат со објавување телевизиски спот, доби свое продолжение и се „пресели“ и во џамиите! Пред неколку дена, според објавата на некои медиуми, имало повик од претседателот на Советот на Исламската заедница во Приштина, Хетем Спјани, кој им порачал на граѓаните да купуваат и да јадат исклучиво домашни производи и да ги избегнуваат оние што доаѓаат од Србија. Предавања за „штетноста“ на српските производи се одржале дури и во сите џамии, каде што на верниците им било препорачано да ја бојкотираат српската стока!?
Очигледно е дека медиумите од двете страни инволвирани во оваа најнова балканска епизода се ставени во полза на каузата што ја застапуваат. И тоа, што би се рекло, пуштени се на максимум. А тоа што со својата реторика и визуелна содржина ги минуваат сите дозволени долни граници, се чини како никого да не го загрижува. Под превезот дека „се штити своето“ истовремено се користи ситуацијата да се прошири омраза кон „другиот“, не водејќи притоа сметка што и како се користи како аргумент или како пример на кој се посочува. Овој пат тоа се децата, па не останува ништо друго туку човек да се запраша, до каде може да оди сето ова.
Но не е само тоа. Кога ваквите појави се манифестираат во ситуација на воена психоза во пошироки размери, а нашиот регион е познат како особено порозен и подложен на такви влијанија, тогаш тоа е доволна причина за загриженост. Не попусто велат дека Балканот е буре барут.

Подготвил: Марјан Велевски