Фото: ЕПА

Според воените аналитичари, судејќи според текстот објавен во американскиот медиум „Хил“ на 14 август, „Русија тивко ја започнала офанзивата на источниот дел на регионот Харков, а вниманието на целиот свет е насочено кон украинската контраофанзива на југ“. Според анализата, Русија постигнува одреден напредок и се чини дека го затвора обрачот околу градот Купјанск, каде што Украина нареди евакуација оваа недела. Во текстот натаму, воените аналитичари тврдат дека „руски напредок може да ја притисне Украина во средината на сопствената голема офанзива и да го разбие нејзиниот фокус“.
Од друга страна, според Марк Кансијан, висок советник во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, постои и извесен сомнеж дека „Русија може да оди напред“. Но ако се случи тоа, изјави за јавноста тој, тоа би било значаен удар за Украина во критичен момент.
– Ова е нешто на што треба да се внимава. Ако Русите постигнат некаков напредок, тогаш тоа е навистина голема работа – изјави Кансијан.
Русија оваа недела направи брз напредок кон Купјанск, град во регионот Харков веднаш зад Луганск, кој, ако биде заземен, ќе ја консолидира руската контрола врз таа област. Градот беше заземен од Москва во раните денови од војната пред украинските сили да го вратат со молскавично напредување минатата есен.
Претходно оваа недела, руските сили наводно се движеле во рамките на артилерискиот дострел североисточно од градот. Беше наредена евакуација во десетици населби во близината на Купјанск, бидејќи руските сили се приближија до градот на неколку километри. Борбата е далеку од завршена бидејќи руските сили се соочуваат со повеќе линии на одбрана и би морале да ја преминат реката Оскол за целосно да го освојат Купјанск. Според американскиот медиум, руските воени блогери и државните информативни сајтови интензивно ги следат вестите изминатава недела, при што популарниот руски воен блогер Александар Котс на каналот Телеграм изјави дека Украина ги рашири своите линии на одбрана разредувајќи ги воените сили, во избрзан обид за да се сопре руското напредување.
– Ја гледам картата на напредок во оваа насока и чувствувам внимателен оптимизам – напиша Котс. „Сега вооружените сили на Украина се во позиција што не е многу поволна за нив.“
Слично констатира и Игор Жданов, меѓународен дописник на државната новинска агенција РТ. Тој тврди дека руските „борци успеале да ја пробијат непријателската одбрана“ во битка кај природниот резерват кај Лиман.
– Падна навистина сериозна украинска одбранбена линија, која со месеци ги попречува руските акции во овој сектор на фронтот – напиша тој на Телеграм.
Русија се движи од Кремина во Луганск во градот Лиман во областа Донецк. Лиман, јужно од Купјанск, е уште една главна цел во напорите на Москва да ја стабилизира својата моќ на исток.
Од друга страна, украинските власти потврдија дека нападите се интензивираат во близината на Купјанск и дека започнуваат одбрана од нив. Заменик-министерката за одбрана Хана Малиар ги опиша нападите како „интензивни“, но рече дека одбраната се задржува.
И покрај ваквите извештаи од двете завојувани страни, западните воени аналитичари се скептични дека Русија има способност да направи значаен напредок откако, како што тврдат тие „Русија ги исцрпи работната сила, муницијата и ресурсите во скапата војна за трошење за да го преземе градот Бахмут во текот на пролетта“. Истото тоа се заклучува и во извештајот за ситуацијата на украинските фронтови од американските медиуми, што го пишува американскиот медиум „Хил“. Р.Н.М.


Командантот на здружените сили на украинските сили не ја исклучува можноста за нова руска офанзива на Киев

Командантот на здружените сили на украинските сили, генерал-полковник Серхиј Наев, не ја исклучува можноста за нова руска офанзива на Киев. Тој во изјава за јавноста рече дека „Украинците не се плашат од тоа и дека во тоа ги зајакнуваат своите одбранбени капацитети“
– Никој никогаш не исклучил нов напад на Киев… Таква можност постои, но засега не е поддржана со сили и средства. Но тоа не значи дека тоа не може да се случи во иднина. Сè ќе зависи, прво, од одлучувањето, второ, од достапноста на силите и ресурсите – рече Наев во интервју за РБЦ-Украина. Според украинскиот генерал, „непријателот ја зајакнува групацијата на војници што ја покриваат границата и презема голем број мерки за зголемување на нивото на борбена готовност“. Се гради систем за надзор, се ангажираат дополнителни извидувачки и артилериски сили и ресурси. Активно се гради инженерска и фортификациска опрема во областа, а постојано се обучуваат и антидиверзантски резерви.